Изложби
Отворање на изложбата „Имагинариум“ – илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска
Имагинацијата претставува најголема слобода и креативна активност во животот на децата преку која невино ја градат и неуморно ја развиваат својата интелигенција. Со замислувањето свет креиран според личните убедувања и желби најмладите создаваат автентичен и независен поглед и вредности.
Детската литература придонесува во развојот на нивната интелигенција, емотивност, креативност и имагинација. Книгата проследена со восхитувачки илустрации им помага на најмладите да замислат или создадат имагинарен свет управуван од лични правила и да се одвојат од светот на возрасните, кој е преплавен од обврски и правила. Впечатливата сликовитост на илустрациите во детската литература е незаменлива во изградбата на богата имагинација како најсуштинска творечка активност во детството. Разигрувајќи ја моќната фантазија на детските умови со помош на визуелните ликовни интерпретации на пишаните зборови, децата стекнуваат способност бргу да учат и правилно да расудуваат. Сказновидните и чудесни настани преку ликовната илустрација стануваат јасни и разбирливи. Безбројните фантазии на уметникот исткаени во невообичаените настани што им се случуваат на ликовите одеднаш добиваат смисла.
„Имагинариум“ претставува самостојна изложба на академскиот уметник Христина Мазнеска, која ја сочинуваат 50-ина креативни колоритни илустрации за деца изработени во периодот меѓу 2018 и 2022 година. Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги подучуваат на моралните доблести – идни водилки, кои треба да ги применуваат во текот на животот.
Во ликовниот стилски израз на Мазнеска одѕвонува привлечна естетика која потсетува на легендарните Дизниеви цртани, особено во: прикажувањето на особините на ликовите во приказната (храброст, лојалност и љубопитност), употребата на широка колоритна палета, која овозможува создавање живописни амбиенти, кои предизвикуваат разни емоции и инвентивна сложена наративност со многубројни специфични детали во разиграните илустрации. Преку бујната и инвентивна ликовна интерпретација на сказновидните настани и бајковитите авантури на неповторливите ликови уметничката со автентичен семиотички јазик го обединува вистинитото и измисленото.
Христина Мазнеска е сестрана уметница, која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Родена е во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2018 година, во класата на проф. Жанета Вангели, на отсекот сликарство, со модул графички дизајн. Како добитничка на стипендиите „Еразмус+“ и CEEPUS за студентска мобилност во текот на своите студии студира и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска, како и на унгарскиот Универзитет за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Имала четири самостојни изложби во земјата, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници. Од 2018 година работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Досега има илустрирано и дизајнирано десетина странски книги за деца. Освен тоа, како уметник работела и на четири видеоигри. Живее и работи во Скопје. Има дневник за цртање, каде што доловува моменти од секојдневието и убавините на природата.
Изложбата трае до 30 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

