Македонија
Милошоски: Денешното гласање против наметнатите измени на Уставот е мотив плус за да се чуе гласот на граѓаните и на избори

Бидејќи се претставници на народот, денес пратениците ќе имаат шанса да гласаат според волјата на народот, кој во огромно мнозинство е против наметнатите измени на Уставот, лековерно прифатени од Ковачевски, Бујар Османи и Маричиќ. За оваа преземена обврска од ДУИ и СДСМ за која немаат поддршката од граѓаните, денес ќе се покаже дека немаат поддршката ниту во Собранието, пишува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Во меѓувреме, од нив цел ден ќе ги слушате фразите за ЕУ, стратешки партнери, за Русија, за интеграција, за изолација. Ваквиот поларизирачки речник единствено има цел да не се зборува за високата корупција, за понижените пензионери, за злоупотребата на европското знаменце, за жртвите на нефункциониот систем во модуларната болница и во ‘Беса транс’, за немањето учебници за учениците и за недостигот на лекови во болниците“, вели Милошоски и додава: „Оваа неспособна власт, за жал, ја доведе Македонија во дипломатски и економски ќор-сокак. Затоа, денешното гласање против наметнатите измени на Уставот нека биде мотив плус за да се чуе гласот на граѓаните и во Собранието и на избори!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
46, 65 проценти е одзивот на гласачи до 18:30 часот, соопшти ДИК

Државната изборна комисија ја соопшти излезноста до 18:30 часот на првиот круг на локалните избори во Македонија.
„Последниот одзив е до 18:30 часот, одзивот на ниво на државата изнесува 46,65%, односно излегле да гласаат 803.091 граѓанин, од 94,62% од обработените избирачки места“, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
„Во споредба со Локалните избори во 2021 година, вкупниот одзив тогаш изнесувал 49,98%“, додаде Кондарко.
Конечниот одзив од изборите ќе биде познат после полноќ, за кога е најавена уште една прес-конференција, според Кондарко.
Генералниот одзив до 18:30 часот за Град Скопје изнесува 46,64%, односно граѓаните кои го дале својот глас на ниво на Град Скопје се 803.721 граѓанин, информира ДИК.
Македонија
(Видео) Муцунски: Очекуваме повеќе гласови и градоначалници од локалните избори во 2021 година

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, изјави дека партијата е на праг на голема победа и очекува да освои повеќе гласови и градоначалници во споредба со локалните избори во 2021 година.
„Ова беа мирни и успешни избори, можеби најпримерните во нашата понова историја. Заслугата е на граѓаните – им благодариме за одѕивот и желбата да ја наградат нашата работа. Очекуваме огромна победа,“ изјави Муцунски.
Тој додаде дека одредени информации за нерегуларности ги гледа како дел од стратегија на СДСМ за изборниот пораз кој следи.
„Тоа е партија со многу проблеми и очекувано е да почне процес на реформирање. Нашата победа ќе биде чиста и јасна, а тоа за нас значи одговорност која не смееме да ја изневериме,“ нагласи Муцунски.
Додаде дека сè уште е рано за првичните резултати, кои, според очекувањата, би почнале да пристигнуваат за околу половина час.
Македонија
„Вреди“: Фер и мирен процес, очекуваме добри резултати и победа во секоја општина

Процесот на гласање на Локалните избори се одвиваше мирно и уредно во сите општини. Според информациите од теренот процесот беше реализиран без поголеми неправилности а мнозинството граѓани го искористија своето гласачко право на најдобар можен начин, беше истакнато од коалицијата „Вреди“ по затворањето на гласачките места.
Од оваа коалиција изразија благодарност до сите граѓани кои учествувале во гласањето, докажувајќи притоа како што беше речено висока демократска и граѓанска свест.
„Оваа е слика што ја посакуваме за нашата земја, еден фер и мирен процес кој покажува дека демократијата се зајакнува и дека граѓаните се свесни за тежината и значењето на нивниот глас“, потенцираа од „Вреди“.
Од оваа коалиција нагласија дека очекуваат добри резултати и победа во секоја општина.
Очекуваат од ДИК фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе во целосна транспарентност, прецизност и професионалност.
Големата излезност во Чаир и во Сарај, ја покажува големата доверба на граѓаните кон политиките на коалицијата „Вреди“, изјавија од таму.