Македонија
Имам најмалку 2 милиона причини, кои се против уставните измени и поради кои гласам против, вели Мизрахи
Рашела Мизрахи, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека има најмалку 2 милиона причини, кои се против уставните измени и поради кои ќе гласа против.
„Имам најмалку 7.300 причини, од кои, по холокаустот, ни пепел не остана, да гласам против уставните измени. Имам најмалку 2 милиона причини, кои се против уставните измени и поради кои гласам против. Најмалку 5 години се изнаслушавме за заедничка историја, дијалект јазик со фуснота, Илинденско – Преобреженско востание, Македонците се Блгари, ние не бевме окупатори, туку администратори. Се изнаслушавме, па и среде Скопје за тоа како партизаните ни переле мозок, како сме неосвестени. Брусеа, бришеа, рушеа, комисии правеа, доста е, не. Се нагледавме клубови со имиња на фашисти, глума и театар. Сега е доста, гласам ‘не’ не поради блокирање нечии права, туку поради зачувување на нашата држава, историја, култура, засебност“, рече Мизрахи.
Како што вели таа, не е против ЕУ, туку, напротив, ЕУ е нашата иднина.
„Јас сум против договорот и протоколот, кои СДСМ го потпиша со Бугарија, кој немаше допирна точка со ЕУ. Овој договор и протокол не се наши, овој договор и протокол се на мала група од СДСМ и Бугарија. А тој договор и протокол не само што не отвора врата кон ЕУ, туку не брише сите. Ги опоменувавме, протестиравме, разговаравме, објаснувавме да не го прават ова, не нè слушаа, како што не го слушаат народот и денес. Штом така, што си договориле, нека испорачаат, но без мене“, додаде Мизрахи во својата објава на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбединетата македонска дијаспора: Инаугурацијата на Силјановска е историска
Организацијата Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), и честита на професорката Гордана Силјановска Давкова за нејзината значајна инаугурација како прва жена претседател на Македонија.
„Претседателката Силјановска Давкова на историската церемонија го реафирмираше уставното име на нашата Македонија, потврдувајќи го основното право на Македонците на самоопределување. ОМД ја поздравува нејзината непоколеблива заложба за зачувување на нашиот национален идентитет и суверенитет, чувство што се повторува во нејзините обемни придонеси, вклучително и основниот труд „За „Договорот од Преспа“ и понатаму“, објавен од ОМД во октомври 2018 година, достапен на нашата веб-страница со кликнување овде.
Во оваа значајна пригода, додека го славиме Денот на мајката, ОМД упатува срдечни честитки не само до претседателката Силјановска Давкова, туку и до сите извонредни мајки ширум светот. Денешниот ден симболизира не само триумф на родовата еднаквост, туку и доказ за силата и издржливоста на жените лидери насекаде.
Историската победа на претседателката Силјановска Давкова означува ново поглавје во патувањето на Македонија, влевајќи надеж и оптимизам за посветла иднина. ОМД со нетрпение очекува да соработува со нејзината администрација за зајакнување на врските меѓу македонската дијаспора и нашата татковина, поттикнувајќи просперитет и напредок за генерациите што доаѓаат.
Додека ја славиме оваа значајна пригода, да ја потврдиме нашата посветеност на единството, напредокот и трајниот дух на македонскиот народ“, се наведува во реакцијата.
Обединета македонска дијаспора (ОМД) е водечка меѓународна невладина организација која се занимава со интересите и потребите на Македонците и македонските заедници ширум светот. ОМД работи на промовирање на кохезивна глобална македонска заедница.
Македонија
Бугарскиот претседател и премиерот: Не прифаќаме изјави од Северна Македонија кои се во спротивност со меѓународните договори
Бугарија не прифаќа изјави и однесувања што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Северна Македонија. Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат, наведува во својот став бугарскиот претседател, Румен Радев.
„Европската перспектива на Северна Македонија зависи од строгото спроведување на меѓународните договори во кои таа е страна, како и од преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во јули 2022 година, која нема да се ревидира“, нагласува шефот на бугарската држава.
Реагираше и премиерот Димитар Главчев.
„По повод церемонијата на инаугурација на новиот претседател на Република Северна Македонија, Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и, во принцип, со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата, пренесе БНР.бг.
Главчев додава и дека Северна Македонија земја-членка на НАТО, од која произлегуваат соодветните обврски и одговорности.
Новоизбраната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова вчера предизвика остра реакција и предупредувања од Грција и ЕУ, откако при полагањето заклетва како шеф на државата изјави дека ќе го почитува Уставот и ќе ја брани независноста на Македонија, користејќи го името што го имаше земјата пред Договорот од Преспа со Грција во 2018 година, потсетуваат бугарските медуими.
Македонија
МНР повика на внимателност од државните функционери: Со Грција развивме политички дијалог на високо ниво
Министерството за надворешни работи објави дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на Уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, познат како Договорот од Преспа.
„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД“, велат од МНР.
Повикуваат на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери.
Од тука додаваат дека задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, на вчерашната инаугурација во Собранието положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија. Утрово реагираше и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кој рече дека нема да прифатат слични лапсузи.