Македонија
Двајца скопјани под истрага за држење автоматско оружје забрането за граѓаните

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражни постапки против две лица, на возраст од 32 и 26 години, со место на живеење во иста улица во скопски Чаир. Тие се осомничени за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување или тргување со оружје или распрскувачки материи според член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„И двајцата во своите домови држеле оружје и муниција, кои на граѓаните им се забранети и за кои воопшто не може да се добие дозвола за поседување“, соопшти Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, при претрес во домот на првиот осомничен полицијата пронашла автоматска пушка VZ58, автоматски пиштол М84 Skorpion, придушувач и вкупно 79 куршуми со различен калибар. Кај вториот осомничен, пак, била пронајдена автоматска пушка Zastava, една рамка и 28 куршуми, Исто така, кај него биле откриени и 1.460,94 грама наркотична дрога марихуана поради што против овој осомничен истрагата е поведена и за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За двајцата осомничени надлежниот јавен обвинител достави предлози за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.