Македонија
Карпош доделува стипендии за талентирани ученици и за основци спортисти

Во согласност со програмата на Одделението за образование при локалната самоуправа, Општина Карпош и годинава обезбеди финансиски средства за доделување осуммесечни стипендии за талентирани ученици, кои учат во основните училишта на територијата на општината за учебната 2023/2024 година. Висината на стипендијата ќе изнесува 3.000 денари месечно за прва категорија, односно 2.500 денари месечно за втора категорија, известуваат од Општината.
Од Општина Карпош исто така известуваат дека од денеска локалната самоуправа распиша јавен оглас за доделување осуммесечни стипендии за талентирани ученици – спортисти за учебната 2023/2024 година, кои воедно се и жители на Карпош и кои учат во VIII и IX одделение во основните училишта на територија на општината. Стипендистите ќе бидат рангирани во две категории, од каде што ќе зависи и висината на стипендијата што ќе ја добиваат.
Имено, за освоени три и повеќе бода висината на стипендијата изнесува 3.000 денари месечно, а за освоени до 2,50 бода висината на стипендијата изнесува 2.500 денари месечно, додаваат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Според очевидците пожарот кај Јасен бил разгорен од удар на гром, Мицкоски вели се прават натчовечки напори

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување беше во ловиштето „Јасен“, каде што веќе неколку дена вработени во ДЗС, припадници на специјалните единици на МВР и Министерството за одбрана се борат со пожарот.
„Пожарот е делумно под контрола, иако во позадина има огромни јазици пламен. Дејствуваат воздухоплови, Ер трактори и хеликоптери, а се надевам дека наскоро ќе биде ставен под целосна контрола“, изјави Мицкоски, додавајќи дека се прават натчовечки напори при неговото гаснење.
Тој посочи дека вчера на територијата на државата имало околу 34 активни пожари, од кои 33 биле изгаснати, а денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, без активни пожари, иако состојбата се менува од минута во минута.
Премиерот упати благодарност до сите кои учествуваат во гаснењето и потсети на тешката состојба со пожари на Балканот, каде што во некои држави има и човечки жртви.
Мицкоски апелираше граѓаните да се придржуваат кон забраната за движење во шуми и наведе дека според сведочењата на терен, пожарот во „Јасен“ е предизвикан од удар на гром.
Македонија
Уште гори кај Јасен – регистрирани седум пожари во државата

До 12 часот денеска во земјата се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден е под контрола, а три се изгаснати.
Активни пожари има во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод, на Октишка Краста во општина Струга и во атарот на селото Могила во истоимената општина, соопшти ЦУК.
Под контрола е пожарот меѓу селата Радуша и Дворце во општина Сарај, а изгаснати се пожарите кај селото Челопеци во општина Кичево, кај селото Крапа во општина Македонски Брод и во атарот на селото Нерав, местото наречено Биљино, во општина Крива Паланка.
Македонија
„ЕВН Македонија“ и СОС „Детско село“ ја прошируваат соработката за поддршка на младите

ЕВН Македонија и СОС Детско село потпишаа меморандум за соработка за поддршка на деца и млади во социјален ризик. ЕВН ќе обезбеди стипендии за овие млади со цел продолжување на средното или високото образование како и финансиска поддршка на програмите на СОС Детско село за зајакнување на капацитетите и одржливоста. Покрај тоа, стипендистите ќе имаат можност да реализираат практикантска работа и менторска програма во просториите на ЕВН, со што ќе им се помогне да ја градат својата професионална иднина.
„Ова партнерство е одраз на нашата посветеност кон општеството. Инвестирањето во образованието и развојот на младите е најдобрата инвестиција за иднината.“ нагласи Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер.
„Партнерството со ЕВН Македонија се совпаѓа со нашата стратегија за воведување национална програма за млади од ранливи категории. Oва е само почеток на една успешна соработка која ќе придонесе кон посигурна иднина за младите поддржани од СОС Детско село.“ кажа директорката на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо.
„Ја искажуваме нашата искрена благодарност кон ЕВН што ја овозможи оваа соработка и се надеваме дека многу други австриски компании во иднина ќе го следат примерот за поддршка на СОС Детско село и неговата мисија во Северна Македонија.“ рече австрискиот заменик амбасадор, г-дин Матијас Хуменбергер.
Преку меморандумот се официјализира поддршката за програмите на СОС Детско село, каде што се опфатени образовните интереси, како и здобивањето на потребни искуства и вештини насочени кон професионален и личен развој на младите.