Македонија
Заканите и физичките напади врз новинарите мора да бидат санкционирани со закон, вели Лога
Хорор и варварски чин е денешниот напад врз тимот на новинари и снимател на телевизија Алсат. Ова го посочи министерот за правда Кренар Лога каде вработени на телевизијата беа нападнати од страна на сопственик на берберница во скопската чаршија.
„Хорор и варварски чин го претставува денешниот напад врз тимот на новинари и снимател на телевизија Алсат. Ваквите настани се неподносливи во демократските општества. Слободниот говор и слободата на медиумите се загарантирани со Уставот и меѓународните конвенции, додека заканите и физичките напади врз новинарите мора да бидат санкционирани со закон и правосудни органи. Осудата на овој чин треба да обезбеди не само правда за конкретниот случај, туку и порака до сите дека во иднина никој не смее да ја навредува работата на новинарите. Остануваме во целосна поддршка на тимот кој денеска се соочи со овој неприфатлив чин, како и на сите новинари и медиумски работници да си ја обезбедат слободата на работа, како еден од централните столбови на нашата општа слобода“, посочи Лога во објава на Фејсбук.
Денеска полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.Е. (53) од Скопје, постапувајќи по добиена пријава од Б.Ј. (39) од Скопје, снимател во ТВ Алсат, дека, додека денеска заедно со уште две лица снимале интервју во Старата скопска чаршија, од берберски салон излегло машко лице и физички го нападнало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.

