Свет
Трамп најави дека ќе им се предаде на властите во Џорџија

Доналд Трамп изјави дека доброволно ќе му се предаде на судството на американската држава Џорџија, кое поведе обвинение против него врз основа на законот за учество во криминална организација.
Доналд Трамп, кој веќе е обвинет во три случаи, во последните месеци се појави пред судот во Њујорк, Мајами и во Вашингтон.
Иако досега успешно го избегнуваше вообичаениот процес на апсење, кој вклучува земање отпечатоци и фотографирање – целото лице и профилот – Џорџија можеби е помалку простувачка.
„Без оглед на вашиот статус, ние сме подготвени да ве фотографираме“, им рече на новинарите на почетокот на август, Патрик Лабат, шерифот на округот Фултон задолжен за случајот.
Трамп ги отфрли обвинувањата на својата социјална мрежа велејќи дека ќе биде уапсен од радикалната левичарска окружна обвинителка, Фани Вилис.
„Ова е лов на вештерки оркестриран од Џо Бајден“, напиша, меѓу другото, Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина: Најмалку 12 загинати во руските напади со дрон, САД да извршат притисок

Најмалку 12 лица загинаа, а 60 се повредени во напади со руски беспилотни летала и ракети низ Украина, соопштија регионалните власти и службите за итни случаи.
Државната служба за вонредни состојби наведува дека меѓу загинатите има три деца во Житомир и еден маж на околу седумдесет години во јужниот град Миколаев.
Зеленски ги повика САД да извршат притисок врз Русија.
„Без навистина силен притисок врз руското раководство, оваа бруталност нема да престане. Во тоа секако можат да помогнат санкциите. Одлучноста сега е клучот – решителноста на САД, европските земји и сите оние ширум светот кои сакаат мир“, рече Зеленски.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта противвоздушната одбрана соборила вкупно 110 украински беспилотни летала над неколку региони низ земјата.
Свет
Израелската армија пресретна ракета од Јемен, се огласија сирените

Израелската армија соопшти дека пресретнала ракета лансирана од Јемен кон Израел. Сирените се огласија во неколку области на земјата, соопшти претходно израелската војска.
Сирени се огласија и во некои делови на Ерусалим, соопштија новинарите на АФП.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври 2023 година, јеменските Хути, кои се врзани со Иран, продолжија да истрелуваат ракети врз Израел во знак на солидарност со Палестинците во Газа. Повеќето од проектилите на таа група биле пресретнати или неуспешни. Хутите не го коментираа последното лансирање ракета.
Свет
Американец со закана изнудил експлицитни снимки на 108 девојчиња, најмалото имало само пет години

Американецот Чејс Малиган се изјасни за виновен дека принудил најмалку 108 девојчиња на возраст од пет до 17 години да прават експлицитни видеа преку Интернет во период од четири години.
Малиган, како дел од договорот за признавање на вината со обвинителите, признал дека ги изнудувал таквите видеа од девојчињата заканувајќи се дека ќе ги објави видеата што веќе ги имал, ќе им каже на нивните родители или ќе ги нападне нивните семејства, пишува Вашингтон пост.
Повеќето од жртвите живеат во САД, но Малиган уценувал и девојчиња од Австралија, Канада, Данска, Шпанија, Обединетото Кралство и Филипините, комуницирајќи со нив преку „Снепчет“, „Инстаграм“, „Скајп“, „Дискорт“, „Роблокс“ и други апликации.
Истрагата почна во летото 2022 година, кога инспекторите дознале дека лице кое користи профил на „Снепчет“ експлоатирало две дванаесетгодишни девојчиња, како и петгодишно девојче во Тенеси.
Откако ја пронашле адресата, Малиган бил уапсен во неговиот дом во Мерлинед. На Малиган (28) му се заканува затворска казна од минимум 15, а најмногу 60 години за изнуда, експлоатација и производство на детска порнографија.