Македонија
Тепаниот од Нефи Усеини се степал со германски турист, а на скопјанка ѝ го искршил автомобилот оти била сведок на тепачката
Охриѓанецот Спиро Топалоски, кој беше натепан од бизнисменот и функционер на ДУИ, Нефи Усеини, се степал со странски турист и ѝ искршил возило на скопјанка, која била сведок на тепачката. Драмата се случувала во средината на минатиот месец, а сега се поднесени пријавите. Топалоски им е познат на правосудните органи и на јавноста. Тој сведочеше како Усеини го тепал пред охридски хотел, а потоа ја смени изјавата и рече дека бизнисменот му е пријател. Тепачката во вилата на Топалоски ќе се реши со прекршочни пријави.
„Во ПС Охрид пријавен е нарушен јавен ред и мир со тепачка настаната во вила во населбата Рача помеѓу лицата С. Т. (43) од Охрид, сопственик на вилата, и Р. Р. П. (34) од Р. Германија, кој престојувал во вилата, лицата се приведени, поднесено е барање за поведување прекршочна постапка“, велат од МВР.
По ова, следувала нова драма. Додека скопјанка давала изјава за тепачката помеѓу Топалоски и Германецот, тој ѝ го кршел автомобилот.
„Истиот ден пријавено е кривично дело оштетување туѓи предмети по чл. 243 ст. 1 од КЗ за кое дело гонењето се презема по приватна тужба против лицето С. Т.. Делото е извршено во период додека оштетената Х. И. од Скопје давала изјава во полиција, а во врска со претходниот настан – нарушен јавен ред и мир со тепачка, при што било извршено оштетување на нејзиното возило“, додаваат од МВР.
Пред три години Топалоски сведочеше како бил тепан од бизнисменот Усеини. Рече дека го мавал по главата и телото и додаде дека случајот ќе го тера до крај. Кога почнаа судењата, а Нефи Усеини беше гонет за насилство, Топалоски рече дека не е оштетен, односно дека го натепало некое непознато лице, а не бизнисменот и функционер на ДУИ.
Во пресудата напишана на петнаесет страници стои дека од снимките јасно се гледа како е тепан Топалоски, тие му биле покажани и нему, но тој останал на исказот дека повредите не му се од Усеини. Петмина сведоци на настанот пред судот рекле дека ништо не виделе, иако на снимките од видеонадзорот, според охридскиот суд, се гледало како некои од нив панично бегале кога почнало тепањето на Топалоски. Претходно, охриѓанецот Топалоски во полиција сам пријави дека бил тепан од Усеини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година
Со 17 гласа „за“ и 7 „против“, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари.
Буџетот, истакнуваат од општината, е изработен транспарентно и во директна консултација со граѓаните, а носи силна развојна компонента со доминантен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на квалитетот на живот во општината.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, презентирајќи го буџетот пред Советот, истакна дека отчетноста и транспарентноста биле водечки принципи во неговата подготовка, при што секој предлог од граѓаните бил разгледан и најдобрите идеи се вградени во планот за 2026 година.
„Во основниот Буџет, кој изнесува 864.233.262 денари, дури 57 проценти, се наменети за капитални инвестиции. Средствата се насочени кон изградба и реконструкција на улици и коловози, подобрување на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, како и изградба и реконструкција на училишта и детски градинки. Дополнително, преку јавните повици на Владата, општината реализира 24 капитални проекти во вредност од 496 милиони денари, од кои најголем дел се во напредна фаза.
-Буџетот за 2026 година е креиран заедно со граѓаните и е воден од принципите на рационално трошење, висока транспарентност и одговорност. Најголемиот дел од средствата ги насочуваме кон капитални инвестиции, затоа што тие носат трајни и видливи промени во секојдневието на нашите сограѓани“, истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Буџетот, појаснуваат од општината, предвидува и значителни средства за заштита на животната средина, изградба на паркови и зголемување на зелените површини, како и мерки за социјална сигурност, субвенции за енергенси, поддршка за новороденчиња, матуранти и пензионери, како и финансиска поддршка за ученици кои постигнуваат високи резултати во науката и спортот.
„Со донесувањето на Буџетот за 2026 година, Општина Кисела Вода ја продолжува развојната насока кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, со јасна визија за подобар живот на сите граѓани“, стои во соопштението.
Македонија
Ги поставија своите судии и почнаа со репресијата, велат од СДСМ
Криминалната власт почна со репресијата врз функционерите на СДСМ со нарачни судски пресуди, велат од СДСМ.
„Како што најавивме, ги поставија своите судии и обвинители и тргнаа.
Нема повеќе независно судство ниту независно обвинителство. Сѐ ставија во своите канџи.
По носењето Декрет и забраната за слобода на говор со предавничката Резолуција гледаме нарачани судски пресуди и законски казни за функционерите на СДСМ, како што денеска е осуден поранешен директор на затворот Филип Андонов и член на Извршниот одбор на партијата.
ВМРО-ЗНАМ ја активираа последната фаза од својата кампања – фазата на репресија и политички прогон“.
На објавените скандали, пријави за криминал и корупција од СДСМ, како што посочуваат од оваа партија, никој не реагира.
„А сега лесно и брзо носат пресуди, затоа што така им е наредено.
Додека вистинските криминалци од власта на ВМРО и ЗНАМ се богатат преку криминални тендери, се обидуваат да ја запрат нашата борба со нарачани судски пресуди и политички прогон.
Нема да ја запрат нашата борба.
Нема да нѐ запрат ниту тие, ниту оние што одвнатре ја подриваат партијата.
Никој! Сите ќе одговарате!
Работата не е завршена“.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.

