Македонија
Блокадата на ДПМНЕ може да ја чини нашата земја 10 милијарди евра помалку фондови од ЕУ, велат од СДСМ

Блокадата на уставните измени и продолжувањето на европскиот пат од страна ДПМНЕ не само што предизвикува изолација на државата и застој на евроинтеграциите туку значително неповолно ќе влијае на економските придобивки за економијата и граѓаните, велат од СДСМ.
„Блокадата од страна на ДПМНЕ може да ја чини нашата земја 10 милијарди евра помалку фондови од ЕУ. Само во досегашниот евроинтегративен процес на земјата, преку ИПА, грантови за енергетската криза, макроекономска помош, поддршка за малите и средните компании, помошта за ублажување на економските последици од пандемијата, образовните и други програми во државата се слеаја над 1,2 милијарда евра од европските фондови. Во перспектива, со забрзување на евроинтеграциите и полноправното членство, програмите и фондовите на ЕУ може да бидат 11 пати повисоки од овие што ги имаме досега“, посочуваат од СДСМ.
Како што дополнуваат, блокадите на ДПМНЕ ќе доведат до загуба на значајни финансиски пригоди за државата, бизнисот и граѓаните.
„Тие исто така ја скратуваат шансата за голем скок на платите и раст животниот стандард на граѓаните, со оглед на фактот што во првите пет години по зачленувањето во ЕУ растот на платите во земјите членки на ЕУ се движеше од над 50 отсто, па сè до 100 отсто. Првите пет години по членството, кај државите од ЕУ стапките на раст на БДП се зголемиле од 80 до 90 отсто, но во случај на непродолжување со интеграциските процеси тие стапки за нашата држава може да останат недостижни, исто како и отворањето вратите кон европскиот пазар со 500 милиони потрошувачи за македонските компании. Придобивките од членството во ЕУ се огромни, сега имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса треба да се искористи. Тоа го сакаат 80 отсто од граѓаните. Како што обезбеди членство во НАТО, како што обезбеди почеток на преговори со ЕУ, така СДСМ заедно со европскиот блок ќе обезбеди членство во ЕУ и покрај блокадите од ДПМНЕ и Левицата“, истакнаа од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото+видео) Мицкоски: Извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат, има шанси СДСМ да остане без ниту една општина

Следните избори, и локалните, но и следните парламентарни, две основни работи ќе бидат важни – првата ќе биде борбата против криминалот и корупцијата и втората е испорака на реформи, ниту СДСМ ниту ДУИ ниту било кој од опозицијата има капацитет и за борба против криминалот и корупцијата и за испорака со реформи, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на Унијата на млади сили на партијата што денеска се одржува во Велес.
„Кажете ми која реформа ја испорачаа од ДУИ и од СДСМ, дали се сеќавате на една реформа којашто тие ја испорачаа, јас не можам да се сетам. Ако е реформа оние сега пропаднати фабрики за марихуана, фудбалчиња на црвените персиски килими, распродажба на се што со крв е платено од генерациите пред нас, тогаш да, им признавам направија реформи. Но тоа не е реформа, тоа е срам и ако играат на картата на кратко помнење на народот се лажат. Народот точно знае што правеше СДСМ и ДУИ изминатите седум години и нема да има повеќе простор и нема да има повеќе шанса“, истакна Мицкоски.
Според него, победата на локалните избори е веќе извесна.
„Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без ниту една освоена општина. Тоа за мене потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност што значи дека мора да се има отчетност, да не се заборават вредностите кои ги имаме и ветивме на народот. Но и да се продолжи да се работи со несмалено темпо. Обврската која ја добивме од граѓаните пред се значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката, туку и според начинот на кој се однесуваме во секојдневието. Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од владата кон секој еден народен денар со кој управуваме“, вели премиерот Мицкоски.
Тој порача дека опозицијата е уплашена „затоа што знаат дека оваа генерација, оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ и коалицијта во изминатите година дена не цели, врати голем дел од позициите на меѓународен план, тоа што овие од СДСМ го продадоа“.
„Денеска, со гордост ја раскажуваме нашата приказна за Македонија и во Минхен, победуваме и во Берлин и во Лондон и во Брисел, и Вашингтон зборуваме за нашата Македонија. Тоа ги боли. Затоа што се кукавици, затоа што знаат што направија и затоа што знаат какви шајки коваа на рацете на македонскиот идентитет. А ние го враќаме, тоа го враќаме. Ќе се броиме целосно да го вратиме, не знам дали ќе успее оваа генерација, но знам , дека ќе оставиме на вас на генерациите кои што доаѓаат, подлога да сето ова кои што овие од СДСМ го распродадоа, достоинствено со крената глава гордо го вратите, за Македонија и македонските граѓани“, нагласи премиерот.
Позади нас се денови, рече Мицкоски, кога се боревме во Брисел, да биде усвоена резолуцијата со која што се зборува за прв пат од осамостојувањето на нашата татковина, за посебен македонски вековен идентитет
„Кога не гледаа како се бориме, молеа бога да не успееме, кога гледаа како аргументираме, како на маса ја добиваме битката се молеа да не успееме. Им олесна, кога бриселските политичари одлучија извештајот да го поместат наместо пред неколку дена на 24 јуни овој месеци. Но нема бегање. Тој извештај ќе биде усвоен затоа што цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет. И тоа ќе го поддржат, за македонскиот јазик кој што е факт“, потенцира премиерот.
Македонија
(Видео) Нема да дозволам да се прави политика и да се злоупотребува трагедијата во Кочани, кажа Мицкоски

За Кочани не се помага со прес конференции, туку со дела, а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија, што само покажува во каква очајна состојба е оваа партија, во отсуство на реални проекти и политики со кои би го привлекле вниманието на јавноста, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на Унијата на млади сили на партијата што денеска се одржува во Велес.
„Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори. Паралелно со ова што тие го говорат тече и прекинот суд на прес-конференции на СДСМ“, рече премиерот Мицкоски.
Што се однесува до владината поддршка за Кочани, таа ќе продолжи, кажа Мицкоски и објави дека интензивно работи на проект кој ќе биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани.
„Ова го работам заедно со канцеларијата на Европската Унија. Со тоа што историски, епски, драматично ќе го видоизмениме изгледот на подобро, на градот Кочани. Деталите за овој проект на кој интензивно работам очекувам многу скоро од денеска да бидат соопштени на македонската јавност, нормално откако ќе бидат финализирани сите детали“, истакна премиерот.
Преку соопштение, реагираа од СДСМ.
„Во својата забеганост Мицкоски денес од Велес, врескаше и ги обвинуваше родителите дека од граѓанско движење полека се претварале во „политичка партија“. Овој наратив на Мицкоски сериозно загрижува, особено поради фактот што на овој начин се повикува на јавен линч на родителите на загинатите и повредените и нивните семејства. Забеганоста на ваквиот наратив е и во фактот што Мицкоски ја покажа својата лутина и гнев кон родителите, недостасуваше уште да ги обвини за трагедијата и за неговиот рејтинг“, стои меѓудругото во реакцијата на опозициската СДСМ.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во Ница оствари средба со Макрон

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот.
„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот.
Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.
Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата“, објави на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.