Македонија
Има два плана за да се стигне до мнозинство за Уставот; кога ќе се закаже седницата, значи има доволен број пратеници, смета Маричиќ
Неизвесно е кога собранискиот спикер Талат Џафери ќе ја закаже седницата за уставните измени, но кога тоа ќе го направи, тоа ќе значи дека власта е блиску до мнозинство. Ова го соопшти вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, според кого постојат два начина да се стигне до мнозинство во Собранието.
„Седницата ќе биде закажана кога ќе има услови. Ние работиме на услови за успешно гласање во Собранието. Кога ќе закажеме седница, тоа ќе биде индикатор дека сме приближени кон мнозинство. Мислам дека поддршката оди кон 72/73 пратеници“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека се работи на обезбедување мнозинство.
„Постојат два начина. Едниот начин ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да даде поддршка под одредени услови, кои беа разговарани и на лидерската средба пред два месеца. Вториот начин е некои од пратениците да одлучат да гласаат за овие уставни промени како пред пет години за претходните уставни промени. Јас не гледам трет начин, но тие се двете опции. Ние ќе работиме на двете нивоа. Сметам дека не е невозможно, туку дека е возможно и дека имаме време и простор да разговараме и да дојдеме до решение“, додаде Маричиќ.
Посочи дека е рано да се каже дали ќе биде донесена одлука Албанија да преговара со ЕУ, без Македонија.
„Возможно е до крајот на ноември да се комплетираат уставните измени. Не знаеме дали до крајот на заклучоците ќе се носат одлуките за проширување и свикување на наредните меѓувладини конференции. Прерано е да се каже дека уште сега ќе се донесе одлука за Албанија, а за нас нема“, посочи Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.

