Македонија
На Османи не му е гајле за Македонија, тој се грижи за Косово: интервју со Најчевска, која го открива значењето на изјавите на албанските политичари
Осврнувајќи се на политиката што се води во државата и на луѓето одговорни за тоа, професорката Мирјана Најчевска во интервју за „Макфакс“ посочува дека кај нас тие што се на власт не се плашат од ништо, а некои од нив, како што вели, алудирајќи на лидерите на двете најголеми политички партии, Мицкоски и Ковачевски, се случајни луѓе, кои во случаен момент дошле на позициите и тоа е многу лошо за Македонија.
За првиот човек на дипломатијата, Бујар Османи, ќе каже дека нему не му е гајле за Македонија.
„Османи се грижи за Косово. Османи гледа како да се искористи ситуацијата на претседателството на Македонија во ОБСЕ за да може да се зајакнат позициите на Косово. Тој се грижи како да се решат проблемите меѓу Косово и Србија, а Македонија му е последен елемент на интерес“, одговара Најчевска.
Професорката со остри критики и за албанскиот политички табор, односно изјавите на Скендер Реџепи и на Таравари.
„Мислам дека тоа е класичен говор на омраза, тоа е кривично дело и треба да се разговара за кривичен прогон на луѓето што се обидуваат да ја искористат оваа ситуација за ширење омраза. Доколку во моментот не застанеме на таквиот вид реторика, ќе дојде до замав на тркалото и ќе влеземе во националистичка лавина“, објаснува таа.
Според неа, зборовите на политичарите од албанската етничка заедница, кои се нацицани со национализам, не значат ништо друго, освен дека тие откриле оти на тој начин може да ги мобилизираат граѓаните од албанската етничка заедница бидејќи не може да понудат ништо друго.
„Секојдневно ги трујат. Гледаме дека урбаната мафија цвета во неверојатни размери, немаат ни Д од демократија во рамките на сопствените партии, владеењето на правото го сведоа на обичен мафијашки рекет. Единствено за кое може да се обединат е веење знаме и продавање националистичка магла. Тие немаат никаква идеја ниту за голема Албанија, тие си нашле алатка и викаат – еј, супер е овој чекан – мавни го телевизорот, работи, мавни го уште еднаш додека не го скршат, па ќе поминат на друг“.
Каква е оценката на Најчевска за владината кампања преку која граѓаните ќе се убедуваат за уставните измени, дали на Европа ѝ одговара изолација, дали собранискиот спикер направи злоупотреба и го прекрши Деловникот, до кога ќе трае неизвесноста во државата и што ќе донесат странските дипломати, во интервју за „Макфакс“ одговара професорката Мирјана Најчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

