Спорт
Почнува СП во кошарка – Шпанија ја брани титулата
Во престолнината на Филипините, Манила, за неколку часа ќе започне Светското првенство во кошарка. Организатори на Мундобаскетот покрај Филипините се уште и Јапонија, односно Индонезија. Титулата ја брани селекцијата на Шпанија.
Мундобаскетот ќе го отворат Италија и Ангола, но очите на светската јавност внимателно ќе го следат натпреварот помеѓу домашната селекција и Доминиканската Република.
Претседателот Фердинанд Маркос ја суспендираше наставата во државните училишта и работата во владините институции во деловите од градот Метро Манила и Булакан.
Првиот човек на Филипините го направи ова за да го олесни отворањето на Светското првенство во кошарка.
Филипинците несомнено ќе го соборат светскиот рекорд по посетеност на еден натпревар од Светското првенство, бидејќи „Филипини арена“ може да прими до 55.000 навивачи, а се очекува спектакл.
Рекордот на посетеност беше соборен во 1994 година, кога Американците ја победија Русија пред околу 32.000 гледачи.
„Филипини арена“, во Булакан е само една од локациите каде што ќе се одржуваат натпреварите на СП, кои исто така ќе се играат во „Арена Аранета“ и во „Арена Мол оф Азија“ од 25 до 30 август.
Финалето на Светското првенство во кошарка ФИБА во 2023 година исто така ќе се одржи на Филипините од 5 до 10 септември во „Мал оф Азија Арена“.
Распоред на групите:

По втор пат во историјата на Мундобаскетот ќе учествуваат 32 екипи. Тие првично ќе бидат поделени во осум групи од по четири екипи, кои ќе се натпреваруваат во Џакарта, Манила и Окинава. По најдобро две рангирани екипи ќе обезбедат пласман во следната фаза. Екипите кои ќе испаднат ќе играат за пласман од 17 до 32 место.
Најдобрите 16 селекции ќе бидат поделени во четири групи со по четири репрезентации. Во четвртфиналето ќе се пласираат двете најдобри селекции од новоформираните групи. Останатите ќе се натпреваруваат за пласман од деветтото до 16 место.
Од четвртфиналето до прогласувањето на новиот светски шампион ќе се игра по нокаут системот.
Од Мундобаскетот на Олимписките игри ќе се пласираат вкупно седум селекции, но според географскиот клуч – по две селекции од Европа од ФИБА Америка (Северна и Јужна Америка) и по една од Африка, Азија и Океанија.
На пример, ако сите тимови од Африка завршат со учество во првата фаза, тимот со најдобар учинок во својата група ќе се пласира на Игрите во Париз.
Денес на програмата се овие натпревари:
10.00 часот: Ангола – Италија
10.00: Финска – Австралија
10.45: Мексико – Црна Гора
11.15: Летонија – Либан
14.00 часот: Доминиканска Република – Филипини
14.10: Германија – Јапонија
14.30 часот: Египет – Литванија
15.30 часот: Канада – Франција
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Мекалистер го реши дербито со Реал
Фудбалерите на Ливерпул го победија Реал Мадрид со 1:0 во четвртото коло од Лигата на шампионите.
„Црвените“ aпсолутно ја заслужија победата, создадоа поголем број шанси, но поголемиот дел од натпреварот немаа решение за Тибо Куртоа, кој беше неверојатен меѓу стативите.
Во првото полувреме, тој со одлични одбрани во два наврати ги запре обидите на Собослај и спречи водство на Ливерпул.
Домашниот тим бараше пенал кога топката го погоди Чуамени во раката во средината на првото полувреме, на крајот одлуката на Иштван Ковач ќе се прераскажува. Првично досуди слободен удар, а кога од ВАР собаа го повикаа да ја прегледа ситуацијата, бидејќи играчот на Реал беше во шеснаесетникот, ја повлече одлуката и му ја додели топката на Реал.
Ливерпул продолжи да напаѓа во второто полувреме, а голот на гостите постојано висеше во воздух. Куртоа имаше две одлични реакции кога момците на Арне Слот изведуваа корнери, прво се обиде Ван Дајк, потоа Екитике, но без успех.
МекАлистер го пронајде клучот за бравата на Реал. Собослај уфрли одлична топка, а нискиот Аргентинец се најде на вистинското место и успеа да ја испрати топката зад грбот на Куртоа.
What a finish from Alexis Mac Allister.
Been one of the best players on the pitch tonight, just like he was last season. Liverpool have deserved this goal.
— CounterPressers (@CounterPressers) November 4, 2025
Играчот од средниот ред го прослави голот во стилот на Александар-Арнолд, неговиот неодамнешен соиграч кој ова лето отиде во Мадрид.
„Кралскиот клуб“ можеше да израмни кога Винисиус остави повратна топка до Мбапе, но Французинот шутираше крај стативата.
Ливерпул ја пропушти шансата да ја зголеми предноста во финишот. Прво, Куртоа го одбрани ударот со глава на Гакпо, а во продолжението од акцијата, и Салах се закани, но Милитао спречи гол.
Спорт
Роналдо го најави крајот на кариерата
Кристијано Роналдо (40) планира наскоро да ја заврши кариерата и призна дека веројатно ќе плаче кога тоа ќе се случи. Фудбалерот на саудискиот Ал Наср постигна 952 гола во кариерата, а неговата цел е да постигне 1000 пред да се пензионира.
„Ќе биде тешко, веројатно ќе плачам затоа што сум емотивна личност. Ја подготвувам мојата иднина уште од моите 25, 26, 27 години и мислам дека ќе можам да го издржам тој притисок“, рече Роналдо во емисијата на Пирс Морган.
Роналдо се осврна на Манчестер Јунајтед, оцени дека тренерот на тимот Рубен Аморим не може да прави чуда на „Олд Трафорд“ и рече дека чувствува тага за својот поранешен клуб.
„Тој дава сѐ од себе. Што да направи? Чуда? Чудата се невозможни. Ние во Португалија велиме дека чудата се само во Фатима. Манчестер Јунајтед има добри играчи, но некои од нив во главите не им е Манчестер Јунајтед“, рече 40-годишниот португалски фудбалер.
Роналдо разговараше со Морган три години по шокантното интервју, по кое го заврши својот втор престој во Манчестер Јунајтед. Во 2022 година, тој го критикуваше раководството на клубот, тогашниот тренер Ерик Тен Хаг и клупските службеници, што доведе до неговото заминување во Саудиска Арабија.
Роналдо рече дека сè уште го сака Јунајтед, за кого одигра 346 натпревари и постигна 145 гола, но посочи дека клубот треба да најде функционална структура.
„Тажен сум затоа што е еден од најважните клубови во светот и клуб кој сè уште е во моето срце. Мора да ги следите паметните луѓе за да создадете основа за иднината на Јунајтед. Пред многу години, Ники Бат, Гари Невил, Рој Кин, Дејвид Бекам станаа одлични играчи, но беа млади.
Манчестер Јунајтед во моментов нема структура. Се надевам дека тоа ќе се промени затоа што потенцијалот на клубот е неверојатен. Тоа е еден од најважните клубови на векот“, додаде Роналдо.
Спорт
(Видео) Елмас немаше поддршка, Наполи не успеа против Ајнтрахт – Лесна победа на Арсенал во Прага
Натпреварите Наполи-Ајнтрахт и Славија Прага-Арсенал, го отворија четвртото коло во Лигата на шампионите. Наполитанците одиграа без голови со гостите од Франкфурт, додека Арсенал лесно победи во Прага со 3:0 и го задржа максималниот ефект.
Елиф Елмас повторно беше стартер во тимот на Наполи и го одигра најдобриот меч во сезоната. Македонскиот репрезентативец беше најголема закана по голот на Ајнтрахт, на крајот доби највисока оценка oд сите фудбалери на Наполи. Имаше брилинантна соло акција во првиот дел, но Цетер го одбрани неговиот удар.
Во Прага, Арсенал се мачеше на почетокот. Лидерот во Премиер лигата беше изненаден од пресингот на Славија.
Домашниот тим се закани во неколку наврати, но гостите го искористија подарокот што го добија во средината на првото полувреме.
Провод играше со рака во шеснаесетникот и беше досуден пенал за тимот од Лондон. Сака ја презеде одоговорноста и го доведе Арсенал во водство.
„Топџиите“, успеаја да го решат натпреварот во раната фаза од вториот дел. Одбраната на Славија беше лошо позиционирана, Тросар нафрли, а осамениот Мерино, кој играше како напаѓач, рутински ја погоди мрежата.
Шпанецот стави точка на триумфот во 68-та минута. Голманот Марковиќ направи катастрофална проценка по центаршутот на Рајс, а Мерино инстинктивно реагираше и го постигна вториот гол. Резултатот не се промени до крајот на натпреварот.
Треба да се напомене дека Арсенал испиша историја, бидејќи Артета го воведе 15-годишниот Макс Дауман, кој стана најмладиот играч во историјата на Лигата на шампионите.
Foto/ EPA

