Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Слоганот на власта дека тие се Европа е навреда за Европа, таму нема ваква криминална багра на власт
Власта на СДС и ДУИ почнува кампања дека тие биле Европа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Европа не избираат јавен обвинител од семејниот фотоалбум на партијата на власт.
Во Европа синот на претседателот на Собранието не дипломира на академијата за обвинители на која се запишал без да ги почитува правилата и прописите.
Во Европа не се делат милиони за скапи реклами на блиски фирми до власта во време кога народот гладува.
Во Европа нема рекордна инфлација, а во исто време платите на функционерите да се покачат за 78%. Во Европа не може во три трагедии да настрадаат 70-тина луѓе и за тоа никој да не одговара.
Во Европа нема недостиг на основни лекови.
Во Европа сопругата на премиерот не добива државно земјиште за 1 евро квадрат, а братот на вицепремиерот не добива луксузен деловен простор за багателна цена“, реагираат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека во Европа не може внукот на владејачка партија да стане сопственик на трговски центар без да вложи цент.
„Во Европа нема избор на компанија за шиење на гаќи да врши надзор над капитални инфраструктурни проекти.
Во Европа нема директори на Фондови кои ставаат снопчиња пари во торба и исчезнуваат неказнето од земјата.
Во Европа нема ни ден да остане некој министер ако задоцни со набавка на терапија за хронично болни или ако не испечати учебници за децата.
Во Европа не одвојуваат на слепо стотици милиони евра помош за фирма која нема ни камен темелник ставено.
Во Европа не се градат 4 години два километри автопат за баснословни суми. Во Европа не може сопрузи, синови и браќа во влада да креираат стратегија за енергетика, а нивните најблиски да формираат преку ноќ фирми за производство и трговија со струја.
Во Европа нема никаде ваква криминална багра на власт, како тука во Македонија“, велат од партијата на Мицкоски.
Оценуваат дека слоганот на СДС е навреда за Европа, бидејќи таква корупција како што има во Македонија не само што нема во Европа, туку нема и во африканските и јужноамериканските земји.
„Ако мислат дека со скапо платена, а апсурдна кампања ќе постигнат нешто, тогаш се лажат.
Ниту граѓаните ќе им поверуваат, ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе го убедат да гласа уставни измени под диктат.
Готови се. И Европа да го стават како средно име во нивните документи, овие мафијаши од власта ќе останат обични измамници и криминалци кои ќе изгубат на избори“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

