Македонија
Левица: Без државна регулација, банките со енормни профити
И покрај забавениот економски раст, само за шест месеци банките остварија над 120 милиони евра добивка и ги зголемија своите профити 35 отсто во споредба со истиот период лани. Нето-приходите од камати се искачија на 190 милиони евра, а нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат повеќе од 50 милиони евра, оценуваат од Левицата.
Најголемиот дел од колачот на вкупната банкарската добивка, над 70 отсто, како што објаснуваат, припаѓа на Комерцијална банка, Стопанска банка и на НЛБ банка, кои остварија добивка пред оданочување безмалку 86 милиони евра.
„Особено забележуваат раст приходите од камати, кои се повисоки 43,5 отсто во споредба со претходната година, а се должи на сè поскапите кредити со променливи каматни стапки, врзани со 6-месечен ЕУРИОБОР или благајнички записи, а зголемена е и казнената камата за пречекорување на платежните сметки.
Последниве децении банкарскиот капитал премина во рацете на странските инвеститори и значајно е променета сопственичката структура. Нивното учество во големите банки е огромно, дури 87,8 отсто. Иако власта се фали со директните инвестиции, вложувањата во акции само ја променија сопственоста, со што им овозможија на странците да профитираат врз грбот на граѓаните, кои плаќаат сè повисоки камати, провизии и надоместоци“, велат од Левицата.
За банките, како што додаваат од оваа партија, нема криза, тие и понатаму останаа недопирливи. Нивните профити, оценуваат тие, се неприкосновени и забрзано растат последниве години, кои речиси тројно се зголемени.
„Очигледно е дека тридецениското владеење на корумпираните политичари им оди во прилог на банките, а отсуството на државна регулација во банкарскиот сектор, за што се залага Левицата, им овозможи високи лихварски камати и сè поголеми приходи од провизии и надоместоци на товар на осиромашениот народ“, истакнуваат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

