Македонија
Спасовски – Аџиќ во Подгорица: Илегалната миграција е предизвик за безбедноста на двете земји

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Подгорица, Црна Гора, оствари билатерална средба со црногорскиот колега, министерот за внатрешни работи, Филип Аџиќ.
Министрите ја оценија соработката меѓу двете министерства како одлична нагласувајќи го заедничкиот интерес за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со луѓе и шверцот со дрога.
Аџиќ во оваа пригода му се заблагодари на министерот Спасовски за искрената поддршка и изрази очекување дека ќе продолжи интензивната полициска соработка и координирани активности. Потврда за висококвалитетната заедничка работа на полициите на двете земји се многуте оперативни информации разменети меѓу НЦБ Подгорица и НЦБ Скопје, како и значајните успешно спроведени акции насочени кон разбивање на организираниот шверц со оружје, дрога и трговија со луѓе.
Спасовски рече дека Црна Гора е пријателска земја, со која Северна Македонија нема нерешени прашања и истакна дека пријателскиот однос меѓу двете земји треба да биде пример за другите земји во регионот.
Тој особено истакна дека полициската соработка меѓу нашите земји е на високо ниво посочувајќи ја, на пример, соработката на специјалните полициски единици и изрази подготвеност за натамошно унапредување ценејќи дека тоа е од заеднички интерес.
Со оглед на неодамнешното потпишување на договор со Европската Унија за активностите на ФРОНТЕКС во Црна Гора и Северна Македонија, тој ја пофали соработката со таа европска агенција и сподели добри искуства во управувањето со илегалната миграција.
Министрите се согласија дека илегалната миграција е предизвик за безбедноста на двете земји и изразија заедничка волја да придонесат за уште подобро управување со миграцијата и заштита на границите преку поинтензивна соработка во рамките на регионалните иницијативи. „На тој фронт многу е важно усогласувањето на националните системи со системот EURODAC“, нагласи Аџиќ.
„Црна Гора и Северна Македонија имаат заеднички приоритет – членство во Европската Унија, а реализацијата на оваа цел ќе биде олеснета со размена на искуства и добри практики и силни регионални врски“, рече Аџиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нека си ги види Филипче „Фејсбук“ профилите и „Тик ток“ кампањата на негови соработници, па после нека глуми Мајка Тереза, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Нека си ги види Филипче „Фејсбук“ профилите и „Тик ток“ кампањата на негови соработници, па после нека глуми Мајка Тереза, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Филипче денес имаше изјава на која не знаеме што да одговориме освен дека наликува на алиби на човек потонат во непринципиелни дилови и ветувања кон луѓе кои не може да ги одржи. Негативна кампања води токму СДСМ. Нашето потсетување на катастрофата на нивното владеење не е негативна кампања, туку сурова реалност која ја живеат сите граѓани. И ако мислат ќе заборавиме, а до пред 1 година беа на власт и направија масакр од државата со кражби и уништување на институциите и предавства, тогаш се излажале. Да дозволиме да ни глумат невини и нови ликови, со истите трикови како претходно кога ветуваа живот а сега ветуваат среќа, и кога очигледно се лицемерни и не се менуваат и сакаат да го излажат народот повторно, тоа нема да се случи. Нека си ги види Филипче Фејсбук профилите и Тик ток кампањата на негови соработници и луѓе кои ги плаќаат, каде најбрутални лаги и гадости пишуваат и измислуваат, па после нека глуми мајка Тереза“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа што Филипче зборува за МВР и разни наводни појави, наликува на алиби кое го договорил со својот ментор за да се задржи на функцијата.
„Ние во тоа не се мешаме освен дека ако има таква појава ја осудуваме, но сепак освен вакви панични изјави кога му стигнале последните анкети кои по наши информации го освестиле кај се наоѓа, почнува да бара алиби за да остане на тоа место. Веќе видено и познато сценарио. И народот го знае тоа. И ќе ги казни повторно затоа што не само што не се менуваат, туку упорно го потценуваат и навредуваат сопствениот народ. За неговата состојба говори и фактот што човекот се плаши збор да каже за Заев, до толку е заложник и испреплетен во нивни взаемни интереси и бизниси. Тоа само по себе е индикатор за се. И аларм за народот дека треба да ги казни. Македонија ќе победи и ќе се одбрани од истите трикови на СДС, кои ја доведоа до тешка состојба од која се трудиме да ја извлечеме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Алиу презентира 12 закони за реформа на законската регулатива во здравството

Во организација на Министерството за здравство, денеска, во Клуб на пратеници се одржа јавна презентација на 12 закони од областа на здравството, на која заедно со стручната фела беа разгледани предлози, мислења и препораки во насока на унапредување на здравствениот систем.
„Овој процес го започнавме во рамки на Министерството со работни групи за измени и дополнувања на 12 законски решенија, кои директно се однесуваат на здравствениот систем. Само преку транспарентност и отворена дискусија можеме да дојдеме до најдобрите решенија. Целта е подобрена законска рамка која ќе биде гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите“, истакна министерот Алиу на презентацијата.
Станува збор за системско преосмислување на 12 закони во различни области – од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје, во насока на нивно поврзување и функционирање како една целина.
„Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност. Ги повикувам сите чинители активно да се вклучат во овие процеси за заедно да ја подобриме легислативата, а со тоа и состојбите во здравствениот систем“, истакна министерот Алиу.
Македонија
(Видео) Николоски: Јасно е дека Заев ги влече конците во СДСМ

Јасно е дека Заев ги влече конците и во време на претходниот претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски и во време на актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче. Што е најдобар доказ на она што го зборуваме постојано, а тоа е дека се во целосна координација и дека лидерот во сенка на СДСМ, е токму Зоран Заев, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Заев и Филипче зборувале исто, или, оак, како што рече, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот.
„Сепак, од она што го напиша се гледаат неколку работи. Прво, со тоа што кажа и што го кажува ќе мора да внимаваме да не ни ја повлече државата со себе во провалијата, затоа што јасно е дека она што го прочитавме е израз на паника и на страв. Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа. И затоа е толку голем отпорот кон реформи во судство и обвинителство и тоа е последниот бастион, последната одбрана на неколку елити во СДСМ и овој СДСМ служи само на Зоран Заев и служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката. Човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше во чие што време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“, рече Николоски.
Според него, потребна е масовна референдумска излезност на овие избори за да се, како што рече, заврши работата уште на 19 октомври
„Мора да се стави една јасна линија и јасна граница од една страна, а од друга страна мора народот јасно да му се каже која е понудата на овие избори“, рече Николоски.