Македонија
МОН: Учебници ќе има и до 1 септември ќе бидат испорачани до училиштата, не се потребни невистини за политички поени
Наместо неосновани критики и ширење дезинформации, Министерството за образование и наука ги повикува политичките субјекти, кои сакаат да дадат придонес кон унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем, да го сторат тоа преку конструктивни сугестии. Како институција, велат од таму, отворени сме за соработка со секој добронамерен општествен фактор, кој мисли добро на државата и нејзината иднина.
„Во време кога се спроведува најкрупната образовна реформа во државата, преку концепција, која е резултат на инклузивен пристап со учество и согласност на сите засегнати страни, не е потребно креирање невистини, само за да се создадат непотребни грижи кај учениците и семејствата на учениците, за тоа дали институциите и образовните установи се подготвени за успешен почеток и тек на учебната година.
Веднаш да информираме дека учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава, Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември иститетие ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени, всушност сè уште се во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници, кои ќе ја збогатат наставата. Тие се изработени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб-страницата на Бирото. Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива индивидуално да одлучи да ги испечати“, истакнуваат од МОН.
Во однос на интегрирањето предмети, појаснуваат од таму, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години и како резултат на него е произлезен предметот природни науки за кој досега никогаш немало реакции.
Интегрирањето предмети , според надлежните во ова Министерство, не предвидува укинување содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули, што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично.
„Транспарентно, во многу наврати досега, информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини. Важно е да се истакне дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови поради воведување на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење.
Големо олеснување за наставниците ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник, кој треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА-фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе пилотира во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата“.
МОН, како што информираат, ќе продолжи да ја имплементира концепцијата за основно образование и покрај обидите на одредени политички фактори да го поткопаат процесот на реформирање.
„Две фази се веќе успешно спроведени, следува третата, која ги опфаќа трето и шесто одделение, а в година и другите погорни одделенија – седмо, осмо и деветто.
Квалитетно образование не се достигнува преку ноќ, тоа е процес во кој со свој придонес се вградуваат сите добронамерни фактори“, истакнуваат од ова Министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.

