Македонија
Лога: САД сакаат да нè видат во ЕУ, одлуката во Собранието треба да биде државничка, во насока на интеграција, а не изолација
Министерот за правда, Кренар Лога, денеска оствари средба со Габриел Ескобар, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан.
„Евроинтеграциите се клучни за перспективата на Република Северна Македонија и граѓаните и се од геостратешко значење за стабилноста на регионот и Европа.
Заеднички е ставот дека интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ значи просперитет за граѓаните во државата, со импакт и на долгорочен просперитет на целиот Западен Балкан во Европската Унија. Силна поддршка на САД за напредокот на нашата држава до полноправно членство во Европската Унија, се истакнува во соопштението од кабинетот на Лога.
Оценето е дека кој било друг исход од можноста да се продолжи по европскиот пат не е од државен и стратешки интерес. Поради тоа, заедничка е согласноста дека претстојната одлука во Собранието треба да биде државничка, во насока на интеграција, а не изолација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.