Спорт
Исчезнатиот фудбалер од Горица е пронајден жив и здрав
Абдалах Талал Хамед, 27-годишниот фудбалер кој беше пријавен за исчезнат во понеделникот на 21. август, е пронајден жив и здрав во Унгарија, соопшти неговиот клуб Горица.
Играчот бил пронајден од унгарската полиција. Хамед го контактираше претседателот на ХНК Горица, Ненад Чренко, за да му се заблагодари на загриженоста, а тој подоцна ќе даде повеќе информации за случајот.
Да потсетиме, Хамед пред две недели од унгарски ЗТЕ од Залаегершег се пресели во редовите на хрватскиот прволигаш Горица, но во понеделникот неговиот нов клуб објави дека му се губи секаква трага. Хамед дошол во Будимпешта во саботата (19. август) за да ги земе своите лични работи и документите за регистрација за Горица.
Тој во понеделник околу пладне требало да замине за Велика Горица, но откако не пристигнал во Хрватска веднаш било пријавено неговото исчезнување во унгарската полиција. Таткото на Абдула, Талал Хамед Тали, изјави дека разговарал со својот син околу 11 часот и дека се подготвувал за преселба, но еден час подоцна шведскиот фудбалер престанал да одговара на повиците.
Мобилниот телефон му бил исклучен. Чувствувајќи проблеми, Тали веднаш одлетал во Будимпешта и дошол во станот на својот син. Неговиот автомобил се уште бил паркиран во гаражата. Тали повикала полиција која упаднала во станот и таму го пронашла пасошот на шведскиот фудбалер, но не и клучевите од станот и паричникот.
Летово, пред да потпише едногодишен договор со Горица, Абдула имал понуда од друг клуб. Уште кога требало да се реализира трансферот, шведскиот фудбалер се повлекол бидејќи другата страна не му изгледала доволно сериозна. Се чини дека тоа ги предизвикало сите проблеми.
„Двајца мажи дојдоа во хотелот каде што тој престојуваше во тој момент. Еден од нив се закани дека ќе го избоде со нож. Персоналот на хотелот повика полиција, која пристигна по неколку минути и ги одведе мажите. После тоа, мојот син се исплаши“, објасни таткото на фудбалерот за Афтонбладет.
Таткото вели дека Абдула, кој покрај шведскиот пасош има и пасош на Ирак бидејќи е роден во Ирак, набрзо бил повикан од лице кое тврдело дека го претставува клубот и барал 50.000 евра отштета за откажување на трансферот.
Фудбалерот одбил и тогаш почнале заканите. Талал Хамед Тали веруваше дека спорот за договорот е поврзан со исчезнувањето на неговиот син. Тој не го спомна името на клубот со кој неговиот син го договарал трансферот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јувентус се распрашува за Мазрауи
Јувентус бара засилувања на бековските позиции и одлучи да се насочи кон фудбалер кој може да игра подеднакво добро како лев и десен бек.
„Газета дело Спорт“ пишува дека главна цел на „старата дама“ е Нусаир Мазрауи (25) од Манчестер Јунајтед.
Станува збор за играч кој се пресели од Баерн во Јунајтед во 2024 година за 15.000.000 евра, а во Италија веќе го привлече вниманието благодарение на својата техника и способност значително да придонесе во напаѓачката фаза.
Останува да се види дали Манчестер Јунајтед ќе биде спремен да го пушти или Јувентус ќе мора да се сврти кон други решенија.
Мазрауи моментално е на Африканскиот куп на нации во неговата земја и вечерва ќе го започне полуфиналниот натпревар на Мароко со Нигерија.
Спорт
Словенците со големи проблеми пред стартот на Европското првенство
Ракометната репрезентација на Словенија, се соочува со големи проблеми пред почетокот на Европското првенство. Ситуацијата е таква што локалните медиуми ја окарактеризираа како „катастрофална“.
Селекторот Урош Зорман се соочи со огромен број повреди, па на списокот на оние кои нема да можат да играат се Алекс Влах, Миха Зарабец, Матиќ Грошељ, Тадеј Кљун, Митја Јанц, Јака Малус, Нејц Цехте и Блаж Благотиншек.
Последен во низата што се повреди и се врати од репрезентативниот камп во Норвешка е голманот Клемен Ферлин.
36-годишниот голман со многу искуство не тренираше во последните неколку дена, па се врати во Словенија за да направи дополнителни тестови.
Остатокот од тимот е во Норвешка, каде што се подготвуваат да го отворат турнирот против Црна Гора во петок, во Осло.
Освен Црна Гора, Словенија ќе игра против Фарските Острови и Швајцарија во Д групата.
Foto/ freerangestock
Спорт
Белингам за Алонсо: Не верувајте во сè што ќе прочитате
Фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингам, зазеде силен став против гласините што се појавија веднаш по отпуштањето на Чави Алонсо од тренерската позиција.
„Атлетик“ и „ESPN“ тврдеа дека тој, Винисиус Жуниор и Федерико Валверде не му верувале на својот претходен „учител“.
„Премногу ги споменувам овие работи, секогаш надевајќи се дека вистината ќе излезе на виделина со текот на времето. Но, искрено… Каков метеж. Навистина ми е жал за луѓето што се држат до секој збор што го кажуваат овие кловнови и нивните „извори“. „Не верувајте во сè што читате, од време на време овие луѓе треба да бидат одговорни за ширењето на такви штетни дезинформации за кликови и понатамошни контроверзии“,
напиша Белингам на својата лична мобилна апликација „JB5“.
Foto/ depositphotos

