Македонија
Демократски сојуз ја повика Владата на избори: Или ќе добиете поддршка или народот ќе ви каже „марш да ве нема!“
Демократски сојуз смета дека без темелни и суштински реформи во судскиот систем, владеење на правото, развој и јакнење на демократијата и одговорноста, како и силна и неселективна борба против криминалот и високата корупција, тешко ќе се движиме кон Европската унија.
„Обидите на Ковачевски, Османи и Маричиќ, со манипулативни настапи да обезбедат поддршка за уставните промени не успеаја, затоа што граѓаните препознаваат дека власта не ја говори вистината кога вели дека со внесувањето на Бугарите во Уставот, нашиот пат кон ЕУ нема да наиде на пречки и блокади од Софија за билатералните историски и идентитетски прашања“, велат од партијата.
Оттаму наведуваат три елементи:
„Прво, во ниту еден документ на ЕУ, не е дефинирано дека македонскиот јазик ќе биде официјален после приемот на Македонија во ЕУ. Во заклучоците на Советот на ЕУ стои дека преводот на документите ќе се врши на македонски јазик, при што и Бугарија има изјава дека македонскиот јазик е секундарна кодификација на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектни форми. Не поминува манипулацијата за македонскиот јазик со договорот со ФРОНТЕКС, бидејќи тој договор нема никаква поврзаност со Преговарачката рамка.
Второ, историските, образовните и идентитетските прашања се составен дел на Преговарачката рамка и другите одлуки на ЕУ и тие во основа произлегуваат од бугарската декларација со која се негира македонскиот народ и јазик, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка (заедничка историја, годишни протоколи, Комисија за историски и образовни прашања итн.).
Трето, Владата ниту се обиде ниту пак обезбеди РЕЦИПРОЦИТЕТ поврзан со вградувањето на Бугарите во Уставот на Македонија и признавањето на правата на Македонците за формирање нивни асоцијации во Бугарија.“
Додаваат дека благодарение на лошите политики на СДСМ и ДУИ, како и постојаното одлагање и блокирање на почетокот на преговорите од страна на земји членки на ЕУ, бројот на граѓаните кои се определени за членство во ЕУ, опадна од 80 на помалку од 70 отсто.
„Сепак, граѓаните сакаат членство на Македонија во ЕУ, но не под вакви услови, блокади, условувања и уцени на штета на националните интереси на Македонците како основни носители на суверенитетот на Македонија. Уставните измени не поминаа! Затоа Ве повикуваме политиките да ги соочиме со граѓаните на избори. Или ќе добиете поддршка, или народот ќе ви каже „МАРШ ДА ВЕ НЕМА!”. Само нов парламентаден систав и нова Влада,можат да ја придвижат Македонија кон ЕУ и да отворат перспективи за младите“, се вели во соопштението од Демократски сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило делницата од автопат А1 Велес – Градско е затворена
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило, во 01:20 часот делницата од Автопат А1 Велес – Градско е затворена и возилата се пренасочуваат по експресниот пат Градсско – Дреново до локализирање и ликвидирање на пожарот, извести АМСМ.
Сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско се одвива наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.

