Спорт
Шкендија со луда победа кај Работнички, Брера со пораз во Штип

По петтото коло во македонската Прва лига само Шкендија може да се пофали дека нема пораз, откако со два гола по 90-тата минута стигнаа до импресивна 2:1 победа на гости кај Работнички, одигрувајќи 1:1, откако ФК Брера Струмица загуби на тешкото гостување кај Брегалница со 1:0.
„Романтичарите“ беа на чекор до победа во дербито против Шкендија, откако дојдоа во предност со прекрасниот гол на засилувањето од Уганда, Шафик Кагиму, но потоа во самиот финиш на натпреварот напрвија две грешки кои Шкендија ги казни за големи три поени, со кои избива на првото место на табелата со 12 поени, исто колку што имаат и Брера, но тетовци имаат и натпревар помалку.
Фабрицио Ванегас го постигна единствениот гол на мечот во 27. минута за Брегалница да му го нанесе првиот пораз на тимот на Брера (до минатата сезона познат како Академија Пандев), и да стави крај на импресивната серија.
Шкупи, пак, со головите на Хаџиќ и Сахити стигна до 3:1 победа над Гостивар, додека Силекс и Македонија Ѓорче Петров го одиграа најнеизвесниот меч на колото, кој заврши 2:2 откако гостите го пропуштија водството во 82. минута од мечот.
МФЛ, 5.КОЛО
Брегалница – Брера 1:0
Работнички – Шкендија 1:2
Шкупи – Гостивар 3:1
Силекс – Македонија Ѓ.П. 2:2
Тиквеш – Воска 1:1
Фото: ФК Работнички
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Познати се локациите на шесте спринт-трки во новата сезона во Ф1

Формула 1 и ФИА ги објавија имињата на шест локации каде што ќе се одржат спринт трки во 2026 година.
За прв пат, спринт трките ќе се одржат во Монтреал, Зандворт и Сингапур, а тука се и Шангај, Мајами и Силверстоун.
Првата спринт трка ќе биде на Големата награда на Кина, која се одржува од 13 до 15 март, а потоа се сели во Северна Америка (Мајами и Монтреал).
Европските спринт патеки се британскиот Силверстоун и холандскиот Зандворт, а последната спринт трка ќе се вози во Сингапур.
Ова се датумите и локациите на спринтерските трки за новата сезона:
Шангај, Кина: (13-15 март 2026 година)
Мајами, САД: (1-3 мај)
Монтреал, Канада (22-24 мај)
Силверстоун, Велика Британија (3-5 јули)
Зандворт, Холандија (21-23 август)
Марина Беј, Сингапур (9-11 октомври).
Новата сезона во Ф1 започнува на 6 март во Австралија и завршува на 6 декември во Абу Даби. Ќе се одржат вкупно 24 трки.
Спорт
(Видео) Солзите на Ергин Атаман

Ергин Атаман, селектор на Турција, емотивно реагираше на еуфоричниот пречек што го доби неговиот тим во Истанбул.
Кошаркарите на Турција не успеаја да се вратат од Рига со златен медал, откако Германците беа подобри во финалето на Евробаскетот (88:83), но без оглед на тоа, им беше приреден величенствен пречек.
На аеродромот, Атаман низ солзи им се обрати на присутните.
„Сребрен медал по толку години, секако е голем успех и турскиот народ е горд на овие момци. Сепак, многу сум тажен. Историјата ги памети само шампионите, а ние за малку го пропуштивме тоа. Им се извинувам на нашите граѓани кои веруваа во нас и возбудено го чекаа трофејот пред своите екрани. Искрено верувам дека овие момци, кои ја вратија турската кошарка на самиот врв на Европа, ќе го донесат овој куп во нашата земја во блиска иднина“, рече Атаман.
Покрај гордоста, Атаман чувствува голема тага.
„Голема благодарноста за нашиот народ кој нè прегрна и чија поддршка растеше од ден на ден за време на првенството. Овие млади мажи, овие момчиња, го претставуваа турското знаме со голема страст пред целиот свет, до последната секунда. Горди сме, но јас лично сум многу тажен. Сонував да му ја донесам шампионската титула на турскиот народ. Го загубивме првенството со последната топка, но го натеравме турскиот народ повторно да ја засака кошарката“, заклучи Атаман.
Спорт
Ромеро: Никогаш не сакав да го напуштам Тотенхем

Кристијан Ромеро изјави дека во ниту еден момент не сакал да го напушти тимот ова лето. Аргентинецот изјавата ја даде пред потпишувањето на новиот договор со Тотенхем.
Бројни клубови беа заинтересирани за Ромеро и се шпекулираше дека ќе се пресели во Атлетико Мадрид, но тој сепак го продолжи договорот со Тотенхем и беше именуван за капитен.
Тој ја одигра секоја минута од почетокот на сезоната, постигна гол во финалето на Европскиот Суперкуп и има асистенција во Премиер лигата.
„Никогаш не реков дека сакам да го напуштам клубот. Ништо такво не дојде од мене. Важно е што велат тренерот и претседателот. Многу сум среќен тука, ова ми е како семејство. Го сакам тренерот, го сакам неговиот стил и начинот на кој тренира. Секогаш можеме да подобриме некои работи, но мислам дека сите тука на сите нивоа работат добро за да напредуваме“, рече Ромеро, објави специјализираниот фудбалски портал „Гол“.
Тотенхем игра во Лигата на шампионите оваа сезона, откако ја освои Лигата на Европа минатата сезона. Во првиот натпревар, Тотенхем ќе го пречека Виљареал вечерва во 21:00 часот.
Foto/ EPA