Економија
Бектеши: Со развој на рударството во Северна Македонија ќе се обезбеди повисок економски раст во државата
По повод 28 август-Денот на рударите во Република Северна Македонија, министерот за економија Крешник Бектеши го честита празникот на сите рудари.
„Рударите се наш бесценет човечки ресурс, а рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој.
Северна Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас“, се вели во честитката.
„Сепак, во изминатиов период се соочивме со сериозни предизвици во овој сектор особено од аспект на заштита на животната средина, што резултираше со законски измени со кои значително се зајакнува контролата над работата на концесионерите, но од друга страна пак се олеснува патот за компаниите кои сакаат да вложат во оваа индустрија и истовремено да ги почитуваат и применуваат највисоките стандарди за работа, овозможувајќи безбедност при работа на рударите кои се изложени на највисок ризик при работењето.
Министерството за економија со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во рударството, обрнувајќи особено внимание на овој економски сегмент во насока на одржлив раст и развој, остварувајќи партнерски однос со човечкиот потенцијал кој работи во овој значаен економски сектор.
На Владата на Република Северна Македонија и е особено значајно оваа гранка да се развива за да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството“, се додава во честитката на Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 29.4.2024 година.
Од 8.5.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 45,832 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98 и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,829 денари/кг и сега ќе изнесува 45,832 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,438 %, кај дизелот 2,100 %, кај екстра-лесното масло 2,605 % и кај мазутот намалувањето е 1,907 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,407 %.