Македонија
(Видео) Тренчевска: Отворен Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење во Крива Паланка
Во општината Крива Паланка денес беше отворен новиот Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. Центарот е дел од социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку која се креираат многу нови социјални услуги според потребите на корисниците во општеството.
Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во моментот има капацитет за 50 корисници од општината, а во рамките на оваа социјална услуга пензионерите ќе имаат можност за активен, квалитетен и здрав живот и во третата доба, преку поголема социјализација, извести МТСП.
Давател на оваа социјална услуга е Црвениот крст на Крива Паланка, а на денешното отворање на Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која имаше можност да се сретне со корисниците на оваа услуга и директно да им ги посочи придобивките и можностите на услугата. Тренчевска апелираше пензионерите од Крива Паланка во што поголем број да ја користат оваа услуга и подвлече:
„Подигнувањето на животниот стандард на пензионерите и создавањето можности за поквалитетен живот, е можно само доколку се создаваат повеќе можности и тоа во различни сегменти. Ние како министерство сме подеднакво посветени на сите сегменти и нашата цел е да создадеме рамка која ќе значи поголема социјализација, активен живот и што поголемо вклучување на оваа категорија на граѓани во општеството. Досегашното искуство покажува дека овие центри се вистински одговор на потребите на граѓаните и оваа социјална услуга многу се користи и дава одличен резултат. Дека при креирање на социјалните политики користиме внимателен пристап кој создава повеќе можности за пензионерите, меѓу другото потврда е и фактот што социјалната реформа опфаќа и други типови на социјални услуги. Покрај дневни центри за престој на стари лица со активно стареење, дел од реформата е и услугата за помош и нега во домот, која е наменета исто така за оваа категорија на граѓани“.
Дневниот центарот за престој на стари лица со активно стареење е наменет за пензионери со навршени 65 години, а во рамките на оваа услуга тие добиваат пристап до конкретни активности. Во реализацијата на оваа услуга учествуваше и Општината Крива Паланка. На свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот Сашко Митовски.
„Градење на инклузивна општина која ќе овозможи поквалитетен живот за сите граѓани, беше и останува мотив за нас. Водејќи се од тоа ние започнавме со овој проект и го реализиравме заедно со Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст од Крива Паланка. Општината има важна улога во овие процеси, бидејќи има точен увид во потребите на граѓаните. Затоа го поздравувам овој модел кој активно ги вклучува и локалните власти во социјалните услуги бидејќи со заеднички пристап можеме да понудиме квалитетни услуги за нашите граѓани. Покрај тоа, преку овие услуги создаваме и можност за вработувања, а предност имаат граѓаните од општината“, истакна Митовски.

Оваа услуга е дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, а во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го имплементира МТСП со финансиска поддршка од Светска банка. Крива Паланка е една од општините кои успешно аплицираа на повикот на Министерството за труд и социјална политика со проекти за развивање на социјални услуги.
Дарко Пешевски секретар на Црвениот крст на Крива Паланка на свеченото отворање на Дневниот центар за престој на стари лица со активно стареење се заблагодари на Општината Крива Паланка и на Министерството за труд и социјална политика за поддршката при реализацијата на социјалната услуга.
„За нас е огромна привилегија што сме дел од овој проект. Со нашата посветеност уверен сум дека оваа социјална услуга ќе ја користат голем број жители на општината, а преку активностите ние ќе успееме да им го подобриме квалитетот на животот и општото здравје“, истакна Пешевски.
Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареењево во Крива Паланка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги. Во рамки на Компонента 1 од Проектот за подобрување на социјалните услуги досега се поддржани вкупно 34 проекти кои ќе овозможат давање на услугите во 41 општина. Најголем дел од овие проекти се наменети за помош и нега на стари, изнемоштени и лица со попреченост во нивните домови, а се обезбедуваат и дневни центри за стари лица, дневни центри за престој на лица и деца со попреченост и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и услугата лична асистенција. За давање на овие услуги досега се обучени 300 лица кои обезбедуваат соодветни услуги за повеќе од 1.200 корисници, се додава во соопштението на МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

