Македонија
Мицкоски: Во ДУИ секој министер си има своја фирма на која и дели тендери, така е и со Османи, одговорност ќе има

Во ДУИ секој министер си има своја фирма. И секој министер преку таа фирма ги краде граѓаните во тендери во четири очи, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар по информацијата дека МНР префрлила пари на внукот на поранешниот министер од ДУИ и донатор на партијата за организирање на настан.
„Таков е и овој случај каде што фирма која што претходно се легитимирала како донатор на ДУИ добива тендер, а со тој тендер треба да направи одредени градежни зафати во СЦ Борис Трајковски каде што на крајот на декември месец ќе се одржи Самитот на претседател на држави на земјите членки на ОБСЕ. Со тоа практично се легитимира и организаторот а тоа е Бујар Османи кој што е во својство на министер за надворешни работи, бидејќи Ковачевски никој во суштина не го прашал. Него само му кажуваат ти ќе бидеш денеска уште еден ден повеќе премиер, другото остави го и така не те бива за таа работа, еве тука ти се ресурсите, те возат лево десно ,те викаат премиер уште малку, другото си е наша работа. Така што него никој ништо не го прашува. Бујар Османи си има своја фирма си ја ангажира таа фирма. Таа фирма е донатор на ДУИ за градежни зафати во СЦ Борис Трајковски“, рече Мицкоски.
Нагласи дека за ова по промената на власта ќе следи одговорност и дека секој кој што се огрешил пред законот ќе одговара, а секој кој што мисли дека ќе се спаси, како што рече тој се лаже.
„Ако некој мисли дека туку така ќе се спаси и дека ДУИ и понатаму и овие фирми блиски до ДУИ ќе бидат заштитени како до сега се лажат“, порача Мицкоски и додаде дека малку повеќе се преиграа и за ова ќе следи одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има преодно стабилизирање на времето. Од среда кон крајот на денот се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд. Температурата ќе биде во значително опаѓање.
Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.
Македонија
Филипче: Гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, СДСМ не лаже

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
-Денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток, рече Филипче на Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори 2025 година.
Како што посочи, Македонија не смее да биде дом на малкумина, туку дом на сите.
-Секој глас е важен. Нашиот избор е борба за нашиот дом. Ова е наш дом и ова е наша борба. Македонија не е и не смее да биде дом на малкумина, туку дом за сите. Македонија нема да биде дом каде ние, домаќините, ќе бидеме безгласни, без право на одлука, без право на достоинствен живот во домот. Нашиот дом е нашата Македонија, но и нашата партија, а нашите вредности се темелите на тој дом. И тие темели ќе ги чуваме и јакнеме, рече денеска Филипче.
Тој потенцирање дека борбата за тоа каков дом сакаме, почнува од сега. Притоа правејки паралела за развојот и напредокот со СДСМ и очигледниот застој со ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако се откажеме сите, тогаш иднината ќе ја оставиме во раце на оние кои ја водат земјата назад, во темнината на корупцијата и стравот. Ако пак застанеме заедно, можеме повторно да ја изградиме Македонија како наш заеднички дом. Ние не сме совршени, но сме оние што ја носат државата и граѓаните кон јасна иднина и кои се грижат за реалните проблеми, рече Филипче на Конвенцијата.
Тој исто така порача дека постои нешто поголемо од партијата, а тоа е заедничкиот дом, државата во која сите живеат сите граѓаните. Затоа гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, затоа рече Филипче, СДСМ е онаа која не се повлекува во криза, не лаже, туку се соочува со проблемите.
„Вашиот глас е штит за вашето семејство, за вашите права и за вашата иднина“, порача Филипче.