Култура
Промоција на хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ пред семинаристите на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ
Денес, во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), ќе биде промовиран хрватскиот превод на книгата со македонски авторски сказни „Детелинки белинки“, кој во Хрватска беше објавен по повод јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека. Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, со почеток во 19 часот, а промотори на изданието ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и м-р Билјана Стојановска. На настанот за искуството од работата при преведувањето на оваа книга од македонски на хрватски ќе зборуваат Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар, студентки по македонистика од Риека и учеснички на Школата.
Изданието, во кое текстовите од шеснаесетте македонски приказни – сказни се објавени и во оригинал на македонски и во превод на хрватски јазик, е резултат на заеднички потфат на м-р Билјана Стојановска, која е актуелна лекторка по македонски јазик во Риека, и на нејзините студенти по македонистика од Отсекот за преведување, кои ги преведоа текстовите. Поконкретно, станува збор за превод на истоимениот избор објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Арс ламина“ – редакција „Либи“, а неговото објавување во Хрватска се надоврза на зголемиот интерес за македонската книжевност за деца во странските културни центри во изминатиот период. Книгата, по нејзиното прво промовирање во рамките на чествувањето на 15-годишнината на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, веќе предизвикува дополнителен интерес за македонската книжевност за деца во Хрватска, вклучително и од страна на стручната јавност.
Хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ е еден од примерите како во соработка меѓу лекторот по македонски јазик и студентите на странските универзитети, знаењата од областа на македонистиката може да се насочуваат кон проекти што ги афирмират македонскиот јазик, литературата и културата и пошироко во и надвор од академката средина и оттука се очекува дека денешната промоција ќе биде поттик и за некои од семинаристите да се зафатат со вакви или слични потфати.
Уште во далечната 1948 година Блаже Конески констатира: „Нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“. А за да го ковеме и исковеме, потребни се посветени македонисти, суптилни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, вљубеници во македонскиот збор, добри, сериозни преведувачи. Токму таква ковачница е и ова издание, како што беше нагласено и при неговото претставување во Риека. И на оваа Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат такви македонисти, меѓу кои има и проучувачи на македонскиот збор и сериозни преведувачи, и тоа од разни страни на светот.
Инаку, покрај Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар, кои на промоцијата на Летната школа ќе ги споделат своите искуства, автори на преводите објавени во изданието се и студентките: Анамарија Гоевиќ, Ивана Јовановиќ, Луција Тогонал, Марија Кунчиќ, Наталија Милковиќ, Нина Дојчиновиќ, Нина Меданиќ и Тихана Тадеј.
Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ се приближува кон својата завршница со веќе видливи резултати за кои говорат и импресиите на семинаристите од 18 држави. До крајот на Школата ќе се одржи и промоција на значајното издание „Шопов на 11 јазици“, а на 1 септември ќе почне јубилејната 50. меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

