Култура
Заврши јубилејната 50. меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ
Нови истражувања и заклучоци за македонскиот јазик, литература и култура. Од истражувачи од Кина, Австралија, Шведска, Турција, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Унгарија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, како и од истражувачи од нашата земја. Сите едногласно порачаа: македонистичките научни вистини и македонскиот збор и натаму ќе одекнуваат во светот. Со нови лингвистички, книжевни и културолошки анализи на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов, кои веќе ќе бидат референци во меѓународната академска средина. Со важни, нови отворени прашања за македонскиот јазик, литература и култура наспрема другите јазици, литератури и култури, со примена на најсовремени методолошки пристапи. Остварени се и нови контакти, презентирани се идеи за продлабочување на соработката меѓу македонските и странските македонисти, балканисти и слависти, преку кои афирмацијата на македонистиката во меѓународни рамки ќе биде уште посилна. И клучно – има нови генерации истражувачи од странство за кои македонистиката е и ќе биде научен предизвик. Со своите презентирани истражувања тие укажаа: странската македонистичка научна мисла има големи перспективи.
Ова се само дел од првичните резултати од 50. меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која во неделата, 3 септември, успешно заврши во Охрид. Очекуваното дека ова јубилејно издание на конференцијата ќе биде и влог во иднината и дека ќе донесе клучни референци за македонистиката и нови научни предизвици се оствари. Се потврди дека достоинствено продолжува развојот на конференцијата за јазик, литература и култура со најдолга традиција во регионот.
По свеченото отворање и по пленарната сесија, на која своите реферати ги изложија повеќемина истакнати истражувачи од земјата и странство, од петокот, 1 септември, до неделата, 3 септември 2023 година, на конференцијата паралелно се одвиваше работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура преку сесии за кои беа пријавени 70-ина нови научни трудови.
Централните теми на конференцијата, како што беше и најавено, беа делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов.
Во рамките на сесиите и на двете секции се претставија многу значајни нови согледби за делото на Мисирков, кои произлегуваат од нови истражувања на домашните и странските истражувачи, а се од голема важност за македонистичките научни вистини. Многу нови и извонредно интересни истражувања беа презентирани и за творештвото на Шопов, на кое му беше посветен голем дел од рефератите. Меѓу другото, покрај новите проучувања за јазикот на поезијата на Шопов, на конференцијата, преку одделни истражувања, се оствари и навраќање кон некои негови подзаборавени дела, како и кон дела на кои досега не им било посветено научно истражување, а во исто време значајно се надградија и постојните научни исчитувања за некои сегменти од неговото творештво. Преку живи дискусии и расправи за неговата поезија, препевите на неговата поезија на други јазици и неговите препеви на југословенски и светски автори на македонски јазик, на конференцијата, во научните расправи, се оствари и обид за научно коригирање на некои претходни заклучоци и, клучно, првпат се презентираа некои проучувања за материјали за Шопов и од странските книжевни архиви.
На конференцијата беа опфатени и традиционалните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, кои веќе со години овозможуваат преку научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Интересот за овие теми се потврди и преку ова јубилејно, конференциско издание, при што во некои од сесиите учествуваа исклучиво странски истражувачи, кои со студиозен пристап афирмираа нови важни научни предизвици, што потврдуваат дека македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука, како што беше нагласено и на отворањето на конференцијата.
Клучно е што по презентациите на научните трудови, во сите сесии се одвиваа и плодотворни дискусии, преку кои се отворија и низа други нови прашања, се воспоставија нови тези, но и се препознаа конкретни можности за натамошни заеднички научни истражувања на македонските и странските истражувачи, со кои македонистиката ќе биде уште повидлива на меѓународен план. Притоа особено значајно е што во тие дискусии учествуваа и нови странски истражувачи.
Како што веќе беше најавено, трудовите презентирани на 50. меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат објавени во зборник, кој се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиот период.
Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ беше дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата, а се организира и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.