Топ
Уапсени крадци на автомобили – ги расклопувале за делови
Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н.(68) од Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени 4 кривични дела „одземање на моторно возило“, од кои три на подрачјето на скопски Центар и едно на подрачјето на општина Аеродром, како и против Ф.Љ.(22) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „помагање“.
Имено, првопријавениот кривичните дела ги извршил во последните два месеца, така што со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворал бравите од возилата, ги одземал возилата и ги предавал на второпријавениот, каде што возилата биле расклопувани и продавани за делови.
Полициски службеници со судска наредба извршиле претрес на локација, сопственост на Ф.Љ., каде биле пронајдени поголема количина делови од возила кои потекнуваат од кривичните дела. Известен бил Јавен обвинител, а од страна на Судија на претходна постапка на Ш.Н. му е одредена мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На скопскиот аеродром спречен влез на 1,7 тони медикаменти, кои се штетни за здравјето на граѓаните
Царинските службеници на влез на Меѓународниот аеродром „Скопје“ спречија влез на 1,7 тони медикаменти, „силденафил цитат упс“ и „сибутрамин“, кои се штетни за здравјето на граѓаните.
Лековите не се регистрирани во Агенција за лекови, а фирмата увозник немала ниту дозвола за промет на големо со медицински средства, односно не е впишана во регистарот на правни лица за вршење ваков вид дејност.
По вештачењето, утврдено е дека медикаментите „сибутрамин“ се супстанција што се наоѓа на националните листи на контролирани опојни дроги и психотропни супстанции и таа претставува стимуланс на централниот нервен систем. Уште повеќе, утврдено дека таа предизвикува појава на срцеви и мозочни удари поради што медикаментите што содржат „сибутрамин“ се забранети за продажба од страна на ЕУ од 2010 година.
Медикаментите „силденафил цитат упс“ („вијагра“), пак, претставуваат супстанција што влегува во состав на медикаменти за лекување и таа подлежи на контролирана продажба.
Случајот е преземен од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, при што против правното лице ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Македонија
Велигденов: Владата да се заземе за интересот на „Македонска пошта“ бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица
Првиот синдикалец на „Пошта“ информира дека и покрај претходните протести не е регулирано прашањето на редовно примање плата и не е преземено ништо во однос на промена на работењето и организацијата на „Пошта“.
„Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање затоа што чекале некаков прилив. ‘Македонска пошта’ е доведена до состојба на уништување, во прашање е опстојувањето и бараме итна средба со новата влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се почне веднаш и неодложно со новите реформи и со целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Владата треба да се заземе за интересот на ‘Македонска пошта’ бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои“, истакна Велигденов.
Синдикалните претставници во „Македонска пошта“ побараа реформите во компанијата да почнат што побргу.
„Да нема повеќе 15 подружници со 15 директори и илјада соработници, нам ни требаат работници во технолошкиот процес за граѓаните да бидат задоволни од нашите услуги. Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенските услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај. Агенцијата да преземе одговорност кон другите оператори, кои вршат неконкурентна и нелојална достава на пратки“, истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на „Македонска пошта“.
Македонија
Зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во село Опила
По добиената пријава во ЦУК, за зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во село Опила во општина Ранковце, Секторот за операции и координација на ЦУК преку Регионалниот центар за управување со кризи Крива Паланка, веднаш ја извести Општина Ранковце и побара да се излезе на самото место и да се направи увид во состојбата.
ЦУК известува, по направениот увид од страна на Општина Ранковце, дека во дел околу мостот, за кој е добиена пријавата, има излевање на реката на околните земјени патеки. Конкретно, под вода се една нива и импровизирано игралиште. Причината за ваквата состојба е констатирано дека, најверојатно, е нерасчистеното корито од бујната распространетата вегетација.
Мерки за расчистување Општина Ранковце ќе преземе веднаш по смирување на водата во речното корито и нејзино повлекување на веќе дефиниран простор, известува ЦУК.