Европа
Украинците стојат зад експлозијата на „Северен тек“, се вели во големата истрага на „Шпигел“ и ЗДФ
Во Германија нема многу силни реакции откога неделникот „Шпигел“ и јавниот сервис ЗДФ неодамна објавија голема истрага, според која сите траги од нападот на гасоводите „Северен тек“ водат кон Украина. Волф Видман-Шмит од тимот истражувачки новинари дури има впечаток дека политичките лидери во Берлин ја избегнуваат темата.
„Се разбира, тие не може само да одмавнат со раката за сериозно злосторство, но исто така не би можеле да престанат да ѝ помагаат на Украина во војната против Русија. Тоа не е опција“, вели Видман-Шмит за ДВ. „Значи, овде во Берлин сите помалку или повеќе го избегнуваат прашањето какви се последиците“, додава новинарот.
Детонациите на двата крака на „Северен тек“ во септември минатата година практично ја прекинаа секоја можност Германија директно да добива евтин руски гас. Ударот на гасоводот се случи во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море.
Според извештајот на „Шпигел“ и ЗДФ, германските истражители имаат дебело досие во кое сите докази укажуваат на украински командоси. На пример, податоците, како што се ИП-адресите, покажуваат дека напаѓачите биле во Украина и пред и по нападот.
Уште порано беше познато дека диверзантите очигледно користеле јахта што ја изнајмиле користејќи фалсификувани пасоши. Тие отпловија од Росток. Според „Шпигел“, сега секоја трага води само до Украина. Инспекторите, меѓутоа, ја проверуваат и можноста дека се работи за руска операција изведена на начин да им се припише на Украинците.
„Се разбира дека и ние ги следиме таквите траги, но засега немаме докази за нив“, изјави државниот правобранител Ларс Оте за „Шпигел“. Тој додаде дека во моментот сè уште не може да каже дека пренасочувањето е „државно насочено од Украина“.
Но, малку е веројатно дека саботери се обични граѓани на Украина, кои работеле сами. Како што пишува „Шпигел“ од меѓународните разузнавачки кругови, идејата на Киев била да го прекине главниот извор на приход на Русија и „нејзиниот најважен инструмент за уцена“ на германската влада.
Всушност, тоа што трагите водат кон Украина не мора да значи дека ќе доведат до врвот на владата во Киев. „Дури би рекол дека експертите за разузнавање и безбедност сметаат дека е многу малку веројатно оти украинскиот претседател Зеленски знаел за акцијата“, вели новинарот Волф Видман-Шмит.
За Берлин, пикантно е што информациите за нападот на „Северен тек“ соодветствуваат токму на она што американската ЦИА и холандските тајни служби го предупредуваа околу три месеци пред нападот. Тоа не ги вознемири германските тајни служби бидејќи првичниот наводен рок за диверзија веќе беше поминат.
„Вашингтон пост“ уште во јуни минатата година напиша дека ЦИА имала предупредувања од „европска тајна служба“. Во подоцнежните извештаи на медиумите се споменуваше Холандија, како и дека мозокот на акцијата бил украинскиот генерал Валериј Залужни.
Како што сега откриваат „Шпигел“ и ЗДФ, разузнавањето зборуваше и за планиран напад на „Турски тек“. Тој гасовод води до Турција, а потоа кон Србија и другите балкански земји. Нејасно е зошто не се спроведени плановите за таа диверзија.
Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, верува дека на крајот ќе бидат поведени обвиненија против саботерите. „Се надевам дека државниот правобранител ќе најде доволно докази за да ги обвини сторителите“, изјави таа за „Шпигел“. „Ние мора да судиме такви злосторства“.
Сепак, како што пишува ЗДФ, Германија не може да спроведе истрага во Украина. „Федералната влада досега се воздржуваше од барање правна помош од Украина бидејќи германските истражители потоа ќе треба да го споделат она што го знаат со Украинците“, се наведува во текстот додавајќи: „Берлин не му верува на Киев“.
Тој пишува и дека канцеларот Олаф Шолц засега не зазема став и дека неговиот кабинет на новинарите само им кажува дека истрагата е во тек и дека треба да го почекаат исходот. „Но, како што, според истражителите, сѐ повеќе и повеќе индиции водат до Украина, така се зголемува притисокот да се заземе официјална позиција“, пишува ЗДФ, „дури и ако сторителите никогаш не завршат пред германскиот суд“.
До денес не е почната работа на евентуално поправка на „Северен тек“. Според експертите, доколку се чека предолго, цевките ќе кородираат поради солената вода и целиот цевковод ќе заврши во старо железо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинскиот министер за одбрана: Целта е да се убиваат 50.000 Руси месечно
Украина сака да „убива 50.000 Руси месечно“, изјави новиот министер за одбрана Михајло Федоров за време на прес-конференција, наведувајќи ги своите приоритети за мандатот.
Зборувајќи за своите планови во својата нова улога, Федоров рече дека има две клучни цели, од кои првата е да управува со системот.
„Управувањето мора да се гради околу луѓе кои се способни да постигнат јасно дефинирани цели. Ако некој не покаже мерливи резултати, не може да остане во системот“, рече тој.
Тој го наведе зголемувањето на руските жртви како втора стратешка цел. „Втората стратешка цел е да се убијат 50.000 Руси месечно“, рече тој. Додаде дека, според украинските податоци, минатиот месец биле убиени 35.000 руски војници и дека овие загуби биле „потврдени со снимки“.
„Ако достигнеме 50.000, ќе видиме што ќе се случи со непријателот. Тие ги гледаат луѓето како ресурс, а недостатокот на овој ресурс е веќе видлив“, нагласи тој. Москва и Киев ретко официјално ги објавуваат своите загуби. Украина проценува дека вкупните руски загуби од почетокот на целосната инвазија надминале 1.200.000 луѓе. Оваа бројка ги вклучува мртвите, ранетите и исчезнатите.
Европа
Франција бара воена вежба на НАТО во Гренланд
Франција побара НАТО да одржи воена вежба на Гренланд и е подготвена да учествува, соопшти Елисејската палата, објави Си-Ен-Ен.
Франција, заедно со други европски земји, минатата недела распореди дел од воениот персонал на Гренланд за да учествува во посебна заедничка вежба предводена од Данска.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги засили заканите за анексија на арктичкиот остров со сила. Неговите изјави го доведоа во прашање деценискиот безбедносен сојуз предводен од САД во Европа.
Што е воена вежба на НАТО?
Вежбите на НАТО ги свикува командантот на НАТО и можат да бидат со големина од неколку офицери до „вежби од целосен обем што вклучуваат борбени сценарија што вклучуваат авиони, воени бродови, артилерија, оклопни возила и илјадници војници“, вели НАТО на својата веб-страница.
Земјите-членки на НАТО учествуваат во вежбите со обезбедување национални придонеси во форма на војници, опрема или друга поддршка. „Земјите учеснички генерално ги финансираат своите национални придонеси“, наведува НАТО.
Европа
(Видео) Нова железничка несреќа во Шпанија: машиновозачот загина, 37 повредени
Машиновозачот загина, а најмалку 37 лица се повредени во железничка несреќа во близина на Барселона.
Според локалните власти, возот Родалиес удрил во потпорен ѕид што се урна на пругата помеѓу Гелида и Сант Садурни. Се верува дека четири лица се во критична состојба, изјави портпаролот на регионалната противпожарна служба, Клауди Гаљардо, за новинарите.
Единаесет амбулантни возила се испратени на местото на несреќата во Гелида, околу 35 километри западно од Барселона, потврдија службите за итни случаи. Локалната противпожарна служба соопшти дека 35 противпожарни екипи се испратени на местото на несреќата.
Повредените се однесени во блиските болници. Лошото време го стави поголемиот дел од брегот во источна и северозападна Шпанија под висока тревога. Снежни бури беа пријавени и во шпанските Пиринеи, а силни бури беа пријавени покрај брегот на Менорка, каде што брановите достигнаа висина од неколку метри.
Несреќата во Каталонија се случи само два дена по сериозниот судир помеѓу два брзи воза во Адамуз, Андалузија. Најмалку 42 лица загинаа во таа несреќа кога вагоните на воз што се движеше кон Мадрид излетаа од шините, преминаа на спротивната пруга и се судрија со брз воз што доаѓаше од спротивната насока.

