Македонија
Општина Центар: Во тек е јавен повик за ангажирање лични асистенти на учениците со посебни образовни потреби
Општина Центар распиша јавен повик за ангажирање лични асистенти во проектот „Образование за сите“ за потребите на учениците со посебни образовни потреби вклучени во образовниот процес во основните училишта на територијата на општина Центар – Скопје, во учебната 2023/2024 година.
Имено, заинтересираните кандидати, кои сакаат да бидат ангажирани, треба да ги исполнуваат следните услови:
– минимум завршено средно образование;
– претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби;
– долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години);
– млади лица до 29 години;
– лица постари од 50 години;
– самохрани родители;
– родители на деца со попреченост.
Општина Центар напоменува дека предност ќе имаат кандидатите што:
– имаат завршено високо образование: дипломиран наставник по предметна/одделенска настава, дипломиран психолог, дипломиран педагог, дипломиран дефектолог или дипломиран социјален работник;
– имаат искуство во работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти;
– поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост издадена од овластена институција.
Заинтересираните лица што ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ ќе бидат работно ангажирани како лични асистенти на учениците со посебни образовни потреби, вклучени во образовниот процес во основните училишта на територијата на општина Центар – Скопје, во учебната 2023/2024 година. Тие ќе имаат скратено работно време од дваесет (20) работни часа неделно, во период од девет (9) месеци, почнувајќи од 15 септември 2023 година до крајот на учебната 2023/2024 година. За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во проектот „Образование за сите“ се предвидува паричен надоместок во висина од 12.000,00 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Лицата што сакаат да аплицираат за учество во јавниот повик треба да приложат:
– барање за учество во проектот0 „Образование за сите“;
– професионална кратка биографија;
Потврда од Агенцијата за вработување (доколку кандидатот е невработено лице евидентирано во Агенцијата на Република Северна Македонија);
– доказ за завршено образование (копија);
– потврда за претходно работно искуство со лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква);
– лиценца за личен асистент на лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква).
Барањето за учество во проектот „Образование за сите“ (заедно со потребната придружна документација) може да се поднесе во архивата на Општина Центар – Скопје, барака 6, од 9 до 15 часот.
Јавниот повик ќе трае до крајот на неделата, заклучно со 1.9.2023 г. Јавниот повик е достапен на веб-страницата на Општина Центар – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

