Економија
Ангеловска-Бежоска на Европскиот форум во Австрија: Конзистентни монетарни и макропрудентни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерите на Австрија, Германија и на Данска, учествуваше на панел-дискусијата „Влијанието на затегнувањето на монетарната политика врз финансиската стабилност“ на Европскиот форум „Смела Европа 2023“, кој се одржа во Австрија. Во време на подолготрајни инфлациски притисоци неоспорно е дека клучен приоритет на централните банки мора да биде стабилизирањето на инфлацијата за што е потребна затегната монетарна поставеност. За затегнувањето на монетарната политика да не создава ризици за финансиската стабилност, од клучно значење е да се преземат макро и микропрудентни мерки за одржување и натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со преземање мерки на претпазливост, пред да почне монетарното затегнување или во текот на затегнувањето, се јакнат капиталниот и ликвидносниот капацитет на банките и се обезбедува поголем простор за централните банки во борбата со инфлацијата, известуваат од Народната банка.
Во својата дискусија гувернерката Ангеловска-Бежоска наведе дека историски гледано глобалната монетарна поставеност претставува најсинхронизираното и најсилно затегнување на монетарната политика во изминатите пет децении, со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се намали стапката на инфлацијата. Но, повисоките каматни стапки може да го зголемат кредитниот ризик и да предизвикаат раст на нефункционалните кредити. Засега тоа не се случува, со оглед на тоа што во Европа и во регионот на ЦЈЕ тие се одржуваат на нивото под 4 %, кое е значително пониско ниво во споредба со претпандемичниот период. Кај нас нефункционалните кредити се уште пониски – 2,8 %.
Исто така, како резултат на глобалната регулативна реформа, која беше направена и од наша страна, преку повеќето мерки што ги презеде Народната банка, значително се зајакнати капиталниот и ликвидносниот капацитет на банкарскиот систем за ублажување на евентуалните ризици. Адекватноста на капиталот е највисока во последната деценија. Минатата година првпат беше воведен контрацикличен заштитен слој на капиталот, а оваа година првпат и макропрудентни мерки насочени кон квалитетот на побарувачката на кредити. Сепак, гувернерката посочи дека особено е важно да се продолжи со натамошно јакнење на макропрудентната и микропрудентната рамка, како и зајакнување на соработката со надлежните европски институции бидејќи во регионот најголемиот дел од активата на банкарскиот систем е во сопственост на банкарски групи од Европската Унија. Оттука, овозможувањето поголема вклученост во супервизорските колеџи и колеџите за решавање банки, кои ги организираат европските институции, би било од големо значење во размената на информации и преземањето конзистентни и координирани активности.
На крајот на настанот гувернерката оствари средба и имаше продуктивна дискусија за предизвиците на нашата економија со стипендистите од нашата држава, кои присуствуваа на Форумот.
Европскиот форум во Алпбах, Австрија, кој почна да се одржува во 1949 година, е простор за обединување на младите луѓе од Европа и од целиот свет со најиновативните умови од политиката, бизнисот, граѓанското општество, културата и науката за да поттикнат идеи за силна и демократска Европа. Со оваа разновидна, меѓугенерациска и интердисциплинарна заедница Форумот влијае на клучните учесници низ европскиот континент за да го олесни нивното учење и одлуки, се додава во соопштението на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ексклузивно лансирање на новиот Porsche 911 во Скопје
Автомобилските ентузијасти и претставниците на медиумите беа дел од извонредна вечер организирана од Porsche Center Skopje и Порше Македонија, на официјалното претставување на новиот Porsche 911. Настанот ја прослави еволуцијата на иконата, спојувајќи ги луксузот, иновациите и емоциите во ноќ за паметење.
На церемонијата на официјалното претставување беше презентирана најновата генерација на легендарниот Porsche 911, во Carrera 4 GTS изведба, отелотворувајќи совршен спој на безвременски дизајн и врвна технологија. Гостите беа почестени со ексклузивен прв поглед кон возилото со официјалното откривање, по што следуваше инспиративна презентација за компанијата и брендот од страна на генералниот директор на Порше Македонија и менаџерот на брендот Porsche.
Говорниците го истакнаа наследството на 911 како симбол за перформанси и софистицираност, притоа споделувајќи увид во неговите револуционерни карактеристики кои го креираат духот на извонредноста на Porsche.
„Porsche 911 не е само автомобил – тоа е изјава за страст, иновација и врвна изработка. Вечерва, воодушевени сме да им го претставиме најновото поглавје од ова трајно наследство на нашите лојални клиенти и ентузијасти на брендот Porsche во Македонија“, изјави г-дин Златко Муцунски – Генерален Директор на Порше Македонија.
„Новиот Porsche 911 го претставува врвот на автомобилскиот инженеринг и елеганција. Ја доловува суштината на она што значи да се вози Porsche – неспоредливи перформанси, дизајн и емоции. Возбудени сме да го споделиме ова неверојатно возило со Вас и да го доближиме искуството на Porsche до нашата заедница“ – изјави г-дин Винко Марашевиќ – Porsche Бренд Менаџер.
По свеченото претставување, атмосферата се префрли во вечер на забава, за која задолжен беше светски познатиот диџеј Махмут Орхан. Неговиот наелектризиран сет совршено ја надополни позитивната енергија на вечерта, создавајќи незаборавно искуство за сите присутни.
Настанот ја одразува посветеноста на Porsche да испорача не само исклучителни возила, туку и моменти кои остануваат во долго сеќавање.
ПР
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот
Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNN (CNBC).
Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поени.