Свет
Технички проблеми предизвикаа откажувања на летови во Велика Британија

Контролата на летање во Обединетото Кралство се чини дека не е во тек со ситуацијата, пишува „Мејл онлајн“ среде предупредување дека хаосот со патувањата ќе трае со денови и дека илјадници патници ќе останат заглавени поради голем ИТ-дефект.
Весникот цитира експерти, кои предупредуваат дека хаосот на аеродромите, најверојатно, ќе трае со денови, со илјадници патници заглавени по катастрофалниот колапс на системот.
Речиси 1.000 лета беа приземјени и откажани, а уште илјадници одложени откако британската Национална служба за воздушен сообраќај (NATS) во понеделникот имаше технички проблеми.
Денес, околу 200.000 патници остануваат блокирани на локација на која не сакаат да бидат, а 200 лета надвор од Велика Британија се откажани поради тоа што екипажот и авионите не беа на позиција. Ова вклучува 80 управувани од „Изи-џет“ и 60 од „Бритиш ервејс“.
Сали Гетин, поранешна уредничка на Air Traffic Management, го доведе во прашање начинот на кој НАТС комуницира со јавноста за време на кризата.
Таа изјави за „Мејл онлајн“: „Во НАТС се навикнати да зборуваат за својот технолошки напредок, но не се навикнати на таква непосредна контрола.
„Тие објавија видео велејќи дека го решиле проблемот, но не ми се чини дека разбрале што е суштинскиот проблем. Се обидуваат да ја уверат јавноста, но начинот на кој комуницираат не ми дава впечаток дека тие се целосно во тек со ситуацијата“.
Извори претходно изјавија за „Тајмс“ дека грешката можеби е предизвикана од погрешно поднесен план од француска авиокомпанија. НАТС ја отфрли можноста за сајбер-напад.
Сепак, Гетин потенцира дека сè уште не е јасно што го предизвикало проблемот. Таа додаде: „Тоа, едноставно, може да биде нешто што било неактивно во софтверот, едноставно – не знаеме. Не видов никаков доказ дека ова го предизвикала авиокомпанија, но ќе треба да видиме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нов аларм во Грац: само неколку часа по масакрот во училиштето, пристигнаа заканувачки повици

Во вторникот наутро, Грац беше шокиран од веста за масакрот во училиштето, каде што напаѓачот убил 10 лица, а потоа извршил самоубиство, а само неколку часа подоцна имаше нов аларм.
Како што пишува „Кронен“, само неколку часа по масовното убиство во училиштето, имитаторите го искористиле пукањето како изговор за да упатат закани.
Имено, друга гимназија во Грац добила заканувачки повик во вторникот вечерта, изјави Франц Руф, генерален директор за јавна безбедност.
Закана била испратена и до централната станица во Грац во вторникот попладне, пишува „Кронен“ и додава дека истрагите за овие закани се во тек.
Свет
Руски амбасадор: Обновувањето на односите меѓу САД и Русија го забавува „длабоката држава“ во Америка

Разговорот меѓу САД и Русија за решавање на прашањата во нивните билатерални односи ќе биде преместен од Истанбул во Москва, изјави денес за ТАСС новиот руски амбасадор во Вашингтон.
„Сè уште има долг пат за обновување на руско-американските односи“, рече амбасадорот Александар Дарчиев.
Според него, зближувањето со Москва го забавуваат таканаречената „длабока држава“ во САД и антируските „јастреби“ во Конгресот.
„Можам да потврдам дека во блиска иднина во Москва ќе се одржат нови разговори на делегации“, рече Дарчиев.
Војната во Украина предизвика најголеми тензии во односите меѓу Москва и Западот од Студената војна. Искусни дипломати од Москва и Вашингтон изјавија за Ројтерс во 2024 година дека не можат да се сетат дека односите некогаш биле полоши.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го смета украинскиот конфликт за посредничка „proxy“ војна меѓу САД и Русија. Трамп постојано предупредуваше на ризикот од ескалација на конфликтот во светска војна.
Свет
ЕУ го додаде Монако на листата на земји со висок ризик за перење пари

Европската комисија денес објави дека го додаде Монако на листата на земји со „висок ризик“ во однос на перењето пари, како и дека ги отстрани Обединетите Арапски Емирати од листата.
Европската комисија се согласи со „сивата листа“ на Работната група за финансиски дејствија (FATF), меѓународно тело задолжено за евалуација на активностите на земјите во борбата против перењето пари.
Монако е на нивната листа од 2024 година.