Свет
Тело на петгодишно момче пронајдено во Дунав во Германија, било врзано за карпа и завиткано во фолија

Интерпол упати меѓународен апел за идентификација на тело на момче, пронајдено врзано за карпа и завиткано во фолија во реката Дунав во Германија.
Посмртните останки на детето беа откриени во близина на Гросмехринг во Баварија на 19 мај минатата година, но не е познато колку долго било во водата.
Истражителите веруваат дека тоа имало меѓу пет и шест години и дека, најверојатно, времето го поминувало надвор од Германија, пренесува „Нова.рс“.
Властите на оваа земја побараа од Интерпол да испрати таканаречено црно известување, вклучувајќи слики од реконструкција на лицето, до 185-те земји членки на организацијата.
Момчето било високо околу 110 сантиметри и тешко приближно 15 килограми, со кафева коса и нулта крвна група.
Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол, рече: „Преку ова црно известување Интерпол ја повикува глобалната заедница за спроведување на законот да ги проверува базите на податоци и да консултира отворени или нерешени случаи. Некој некаде знае нешто за ова момче, па еднакво е важно одредени детали да бидат јавно објавени. Без разлика дали тоа е жртва на трговија со луѓе, киднапирање или насилство, ние сме посветени да ги мобилизираме сите полициски сили на Интерпол за да го идентификуваат и да им помогнеме на истражителите да ја расветлат неговата смрт“.
Германската полиција сака да разговара и со секој што се сеќава на исчезнато дете, кое одговара на описот на момчето пронајдено во реката и чие исчезнување би можело да се поврзе со случајот.
Тие може да соработуваат со Интерпол за да им помогнат на роднините, кои веруваат дека момчето можеби е член на нивното биолошко семејство да добијат ДНК-совпаѓање.
Инаку, црното известување е издадено како дел од програмата „Идентификувајте ме“, која беше лансирана во мај за да им помогне на полицајците во Белгија, Германија и во Холандија да идентификуваат 22 жени и девојки за кои веруваат дека се убиени, пишува „Скај њуз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.