Скопје
Ѓорѓиевски: Темелна реконструкција на повеќенаменското и на кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски”

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посети ООУ „Партенија Зографски”. Во овој училиштен објект денес почна реконструкција на повеќенаменското и на кошаркарското игралиште, со што учениците ќе добијат подобри и посовремени услови за спортување и рекреација. Летниот период се искористи и за реновирање три училници, кои претходно беа во катастрофална состојба, а се изработува и проект за огромен паркинг-простор, кој ќе ги задоволи потребите на жителите од овој дел на општината, известува Општина Кисела Вода.
„Проектот што го почнуваме денес има особено значење бидејќи се фокусира на развојот на физичките и спортските можности на нашите ученици. Спортот не само што нуди забава и рекреација туку исто така го подобрува и физичкото и психичкото здравје. Инвестирањето во обновата на спортската инфраструктура во училиштата претставува инвестиција во здрави и активни генерации, кои се темелот на нашата иднина. Имено, во наредниот месец, тука, во дворот на ООУ ‘Партенија Зографски’, ќе се одвиваат градежни активности за целосна реконструкција на кошаркарското игралиште. Дотраената подлога ќе биде целосно заменета со нова асфалтна, а ќе се обнови и оградата околу игралиштето“, рече градоначалникот.
„Паралелно, ќе се работи и на обнова на повеќенаменското игралиште, кое ќе добие нова висококвалитетна вештачка трева на површина од 935 м2, замена на оштетените заштитни мрежи зад головите, а оштетените клупи на трибините ќе бидат обновени. Особено сум задоволен што овој проект се изведува преку соработка со приватна компанија, која на овој начин ја покажува својата општествена одговорност. Чекор за кој како градоначалник сум многу благодарен и кој се надевам ќе го следат и други бизнис-ентитети. Инаку, во насока на унапредување на можностите на младите луѓе од општина Кисела Вода во сферата на спортот, ќе назначам дека ова не е единствениот проект од ваков карактер. Покрај досега изградениот нов спортско-рекреативен цeнтар на местото од депонијата кај Оксиген, Општина Кисела Вода активно работи на изградбата на модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште ‘Славија’, на ваков центар работиме и во Теферич, а со слични инвестиции и проекти, кои ќе го зголемат значењето на спортот во нашата заедница, продолжуваме и понатаму. Нашиот ангажман е долгорочен и насочен кон напредок, а особено е фокусиран кон унапредување на условите во училиштата“, изјави Ѓорѓиевски додавајќи дека во ООУ „Партенија Зографски“, каде што настава следат 525 ученици, се реновирани три училници, кои претходно биле во катастрофална состојба, а се изработува и проект за огромен паркинг-простор, кој ке ги задоволи потребите на жителите од овој дел на општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот спроти Клиничкиот центар во Скопје, изгоре возило

Изгаснат е пожарот спроти Клиничкиот центар во Скопје.
Во пожарот изгоре возило, а густиот чад се гледаше и од центарот на градот.
На терен излегоа полицијата и противпожарните служби.
Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.
Македонија
Општина Илинден почна со изградба на тротоар на дел од улицата 2 во населбата Илинден

Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура – изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта, Општина Илинден започна со изградба на тротоар на дел од улица „2“, во населба Илинден. Работите се одвиваат на потегот од раскрсницата на улица „2“ со улица „7“ до мост на секундарен А – канал, во должина од 220 метри, извести општина Илинден.
„Овој нов тротоар ќе обезбеди побезбедно движење на пешаците, што е значајно за сите жители на општината. Изградбата на пешачката патека е дел од поширокиот проект за реконструкција и подобрување на патната инфраструктура, кој има за цел да го подигне квалитетот на животот на граѓаните и да ја осигура безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Општина Илинден продолжува со реализацијата на тековните проекти и започнување нови, со цел да се обезбедат модерни и квалитетни услови за живеење во сите населени места на општината“, додаваат од општината.
Македонија
Герасимовски: Центарци, аплицирајте за субвенции за велосипед, поддржуваме еколошки транспорт

Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува центарци да аплицираат на јавниот повик за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Општина Центар, активно го поттикнува користењето на алтернативни и еколошки превозни средства. Од 2022 година досега, доделени се 376 субвенции за велосипеди, 47 за е-велосипеди и е-тротинети, како и 7 субвенции за дополнителна опрема.
„Возењето велосипед е една од најдобрите навики што можеме да ги направиме за нашето здравје. Возењето велосипед е едноставен чекор со кој секој од нас може да придонесе за поздрава и почиста заедница. Еден велосипед повеќе значи едно возило помалку и помал метеж во сообраќајот. Ги повикувам сите центарци да аплицираат на повикот и заедно, со мали промени во секојдневието да донесеме големи придобивки за почист воздух и поздрава животна средина, да изградиме едно поубаво место за живеење“, вели Герасимовски.
Субвенцијата што се доделува изнесува 30% од вредноста на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, а за дополнителна опрема како детски седишта и заштитни кациги, граѓаните можат да добијат поддршка до 1.000 денари.
Јавниот повик е отворен од 24 март, а пријавувањето се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“. Правото на субвенција е еднократно, а барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака број 6, секој работен ден од 09.00 до 15.00 часот.
За сите дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата на Општина Центар: centar.gov.mk.