Македонија
По паѓањето на довербата и нарушувањето на кредибилитетот на Судскиот совет, одлучив да не учествувам на седниците, вели Лога
Пред гласањето за дневниот ред членовите на Судскиот совет побараа да се истакне дека министерот за правда, Кренар Лога, и претседателот на Врховниот суд, Беса Адеми, никогаш не доаѓаат на седниците на Судскиот совет и не испраќаат информација со која го оправдуваат отсуството. Министерот за правда, Кренар Лога, вели дека во изминатите години неколку министри за правда не присуствувале на седниците на Судскиот совет поради препораката на ГРЕКО за укинување на членството на министерот за правда по службена должност во ова тело.
„Веднаш по стапувањето на функцијата министер, го известив Судскиот совет и побарав да се почитува препораката на ГРЕКО и да се интервенира во Уставот со бришење оваа одредба, во спротивно најавив дека ќе присуствувам на сите седници на Судскиот совет на кои имам право како член по функција затоа што Уставот мора да се почитува. Со писмен допис го информирав Судскиот совет да направи разграничување на седниците и да ме информира за оние на кои можам да присуствувам. Како што е наведено во законот, членовите на Советот по функција не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд“, вели Лога.
Како што додава, присуството на министерот за правда на седници, без право на глас, не влијае на носењето одлуки и законското работење на Судскиот совет.
„Со оглед на тоа што во последниот период се случија низа нерегуларности во работењето на ова тело, каде што во голема мера се наруши кредибилитетот на неговите членови, а довербата на јавноста се сведе на најниско ниво, како и посeтата на оценската мисија на ЕУ, која ја скенира состојбата во Судскиот совет по низата скандали и превирања, одлучив да не присуствувам на седниците исто како што тоа го правеа моите претходници“, додаде Лога.
Претходно, на седницата на Судскиот совет судијата Ивица Николовски истакна дека министерот Лога е член по функција, но тој не доаѓа и не придонесува за работата на Судскиот совет, иако тоа му е должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„СДС вршеле рекет сред пандемија, со закани уцени и притисоци Заев и Филипче сакале да ја преземат болницата Жан Митрев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Последните сведоштва во јавноста на др Жан Митрев сè уште еден доказ за мафијашкото владеење на СДС на чело со кланот Заеви и нивниот спотер кој ја чува фотелјата на Бихачка, Венко Филипче. Во екот на ковид пандемијата кога граѓаните се бореа за живот Заев како премиер и Филипче како министер за здравство ја користеле кризата за да профитираат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев и Филипче ги злоупотребиле институциите на државата за да вршат притисок, рекет и уцени со намера да ја превземат приватната болница Жан Митрев. Заев и Филипче освен притисокот и уцените ветиле и „помош во судски процеси“ во замена за удели.
Тандемот Заев и Филипче се обиделе болницата да биде откупена по цена далеку пониска од нејзината реална пазарна вредност што претставува организиран грабеж.
Дополнително уште пошокантен е фактот кој според кажувањата на Жан Митрев по само една недела од моментот кога поединци од власта изразиле желба за болницата, Јавното обвинителство ја укинало забраната за продажба.
Овој случај е типичен пример за мафијашко дејствување на Заев и Филипче. Ова е само дел од низата случаи во криминалната мрежа на тандемот Заев-Филипче и скандалите како златните визи во Дубаи, становите во Дубаи, висококатницата во Дубаи, акции во индиска авиокомпанија, фирми во Бугарија и Македонија.
Тендери, проценти, злоупотреби на функциите за лично богатење, рекет и предавства се синоними за начинот на дејствување на кланот Заеви и Филипче.
Дали вака за СДС изгледа европска Македонија што ја ветуваат? Дали со рекет, уцени и закани Филипче и СДС сакаат повторно, некогаш да ја управуваат државата?
Венко Филипче после сите афери и скандали кои се врзуваат со неговото име нема кредибилитет да биде на политичката сцена. После вакви скандали доколку Филипче би имал морал и доблест веднаш би си поднел оставка.
ЈО да не молчи. ЈО веднаш да го истражи случајот. Одговорност и правда мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Товарник бр. 3, како и дел од корисниците од ул. Среќко Пужалка. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улиците Кичевска и Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Утрински минусни температури, кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од снег
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има локални врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -2, а максималната ќе достигне од -2 до 8 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег. Во четврток ќе биде претежно облачно, а во петок ќе преовладува умерено облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има услови за појава на магла. Од сабота, најпрво во западните делови, а потоа насекаде, повторно се очекуваат врнежи од дожд и снег

