Спорт
Милевски: Поразот од Англија треба сите да нѐ спушти на земја, Македонија не е фудбалска велесила
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за двата квалификациски натпревари за ЕП 2024 против Италија (9 септември, 20:45 часот, Национална арена „Тодор Проески“) и Малта (12. септември, 20:45 часот, Малта).
Предводникот на националниот тим ги изнесе своите очекувања од двата натпревари. Посочи дека Македонија ќе се обиде да дојде до позитивни резултати со тимот што го имаме на располагање во моментов, иако се соочуваме со проблеми во составот. Селекторот нагласи дека треба сите комплетно да ја согледаат реалната слика на нашиот фудбал, додавајќи дека ние не сме фудбалска велесила, а високиот пораз од Англија треба сите да нѐ спушти на земја.
„Тројца од списокот нема да бидат со нас, отпаѓа Марјан Радевски, а исто така и Дарко Чурлинов нема да биде во комбинација за настап, како и Ваљон Етеми, кој ја влече истата повреда од минатиот месец. Димитар Митровски и Ахмед Иљазовски добија дебитантски повик во националниот тим и ќе се обидат да ја зголемат конкуренцијата. Александар Трајковски е во моментов без клуб, но тој е професионалец кого добро го познавам и изрази желба да биде дел од тимот. Физички е подготвен, но за сите играчи ќе направиме проценка околу нивната подготвеност и ќе одлучиме кој колкава минутажа ќе добие на двата натпревари“, изјави селекторот Милевски.
Дуелите со Италија и со Малта ќе бидат голем предизвик по поразите од Украина (2:3) и од Англија (7:0) во јунскиот циклус.
„Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во нациналниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место. Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, само така може да се надеваме на успешни настапи. Факт е дека постојано, освен со Португалија, секогаш ни недостасувале витални играчи, но ростерот е тој, изборот е тој, тоа е реалноста. Не сме фудбалска велесила. Тоа што ни се случи со Англија е можеби и добро, за да се спуштиме на земја и да почнеме од доле, да градиме тимски дух и тим“, истакна селекторот на македонскиот национален тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Јуве се уште нема победа во ЛШ, рутински победи на Тотенхем и Атлети, Олимпијакос се самоуништи против ПСВ
Одиграни се првите натпревари од четвртото коло во Лигата на шампионите. Ги обележаа дерби пресметките во Ливерпул и Париз. Ливерпул го победи Реал со 1:0, а ПСЖ загуби од Баерн со 1:2.
Јувентус и по четири рунди нема победа во Лигата на шампионите. „Старата дама“ одигра 1:1 со Спортинг во Торино и г забележа третиот нерешен резултат.
Јувентус губеше против Спортинг во Торино, Душан Влаховиќ израмни во 34-тата минута, но Старата Дама немаше сила за целосен пресврт.
Олимпијакос водеше против ПСВ се до 93-та минута, но холандскиот шампион успеа да избегне пораз со голот на американскиот интернационалец Рикардо Пепи.
Најубедливата победа на вечерта ја забележа Тотенхем против дански Копенхаген, иако во 55-та минута при резултат 2:0, стрелецот на водечкиот гол, Велшанецот Бренан Џонсон, доби директен црвен картон. Тотенхем и со играч помалку постигнаа уште два гола и Ришарлисон промаши пенал.
Во Мадрид, Атлетико беше подобар од белгискиот шампион Унион Сен Жилоа. „Јорганџиите“ со малку повеќе трд славеа над шампионот на Белгија, Хулијан Алварез погоди во првиот дел, потоа Галагаер ја зголеми предноста во 72-та минута. Но драма внесе Сајкс со голот во 80-та минута. Во 93-та минута Расмусен имаше голема шанса за 2:2, не ја искористи, а во следниот напад Љоренте ги постави конечните 3:1.
Значајна победа во Норвешка оствари Монако. Францускиот тим славеше минимално со голот на балагун во 43-та минута.
Спорт
(Видео) Непобедливиот Баерн го надигра ПСЖ
Баерн Минхен забележа победа на теренот на европскиот првак ПСЖ (2:1). Баварците ја продолжиа перфектната низа, победија на сите 16 натпревари од почетокот на сезоната.
Вистински ролеркостер е триумфот на Баварците на „Паркот на принцовите“.
Одиграа прво полувреме од сништата, во режија на Луис Дијас. Колумбиецот погоди во четвртата и 32-та минута кога ја искористи големата грешка на Маркињос. ПСЖ при 1:0 постигна гол, но ВАР го поништи бидејќи во офсајд беше Дембеле. Набргу поради повреда Дембеле ја напушти играта.
Во 45-та минута повторно Дијаз беше во глава улога. Ужасен старт врз Хакими, играчот на ПСЖ во солзи го напушти теренот, а Колумбиецот доби црвен картон, но дури откако судијата Маријани ја прегледа целата ситуација.
Очекувано, во втроиот дел, со играч повеќе, ПСЖ доминираше на теренот, но само успеа да го ублажи поразот со глот на Жоао Невеш.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Мекалистер го реши дербито со Реал
Фудбалерите на Ливерпул го победија Реал Мадрид со 1:0 во четвртото коло од Лигата на шампионите.
„Црвените“ aпсолутно ја заслужија победата, создадоа поголем број шанси, но поголемиот дел од натпреварот немаа решение за Тибо Куртоа, кој беше неверојатен меѓу стативите.
Во првото полувреме, тој со одлични одбрани во два наврати ги запре обидите на Собослај и спречи водство на Ливерпул.
Домашниот тим бараше пенал кога топката го погоди Чуамени во раката во средината на првото полувреме, на крајот одлуката на Иштван Ковач ќе се прераскажува. Првично досуди слободен удар, а кога од ВАР собаа го повикаа да ја прегледа ситуацијата, бидејќи играчот на Реал беше во шеснаесетникот, ја повлече одлуката и му ја додели топката на Реал.
Ливерпул продолжи да напаѓа во второто полувреме, а голот на гостите постојано висеше во воздух. Куртоа имаше две одлични реакции кога момците на Арне Слот изведуваа корнери, прво се обиде Ван Дајк, потоа Екитике, но без успех.
МекАлистер го пронајде клучот за бравата на Реал. Собослај уфрли одлична топка, а нискиот Аргентинец се најде на вистинското место и успеа да ја испрати топката зад грбот на Куртоа.
What a finish from Alexis Mac Allister.
Been one of the best players on the pitch tonight, just like he was last season. Liverpool have deserved this goal.
— CounterPressers (@CounterPressers) November 4, 2025
Играчот од средниот ред го прослави голот во стилот на Александар-Арнолд, неговиот неодамнешен соиграч кој ова лето отиде во Мадрид.
„Кралскиот клуб“ можеше да израмни кога Винисиус остави повратна топка до Мбапе, но Французинот шутираше крај стативата.
Ливерпул ја пропушти шансата да ја зголеми предноста во финишот. Прво, Куртоа го одбрани ударот со глава на Гакпо, а во продолжението од акцијата, и Салах се закани, но Милитао спречи гол.

