Македонија
Обвинителството поведе истрага против Иљаз Муареми, наркодилерот кој вчера беше уапсен во Грчец
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по вчерашното лишување од слобода во с. Грчец на првоосомничениот од предметот „Планина“, ќе ја продолжи истражната постапка против него. Тој по наредба на Обвинителството се бараше со национална и меѓународна потерница од 2021 година поради постоење основано сомнение дека како главен организатор сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик.
Истражната постапка за предметот „Планина“ беше отворена во март 2021 година против 28 лица, од кои и против едно дете во судир со законот над 16 години. Бидејќи се работеше за две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога, беа донесени две наредби за спроведување истражна постапка. Во тогаш спроведените акции на територијата на селото Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина, меѓу кои и првоосомничениот, беа во бегство. Во меѓувреме, односно во септември 2021 година и во текот на 2022 година три лица од осомничените, недостапни на органите на прогонот, се лишени од слобода и истражната постапка против нив продолжи.
Предметните обвинители постигнаа спогодба со 14 обвинети лица за кои судот ги прифати предлог-спогодбите и донесе пресуди со кои на осум лица им определи казна затвор во траење по 3 години, на две лица во траење по 3 години и 6 месеци, три лица се осудени на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци и едно лице на 5-годишна затворска казна.
Врз основа на признавање вина на главна расправа, петмина обвинети се осудени на казна затвор, и тоа: 1 лице на казна затвор од 3 години и 5 месеци, две лица на казна затвор од 4 години, едно лице на казна затвор од 5 години и едно лице на казна затвор од 6 години. По поднесените жалби на санкции, на две лица казните им се преиначени и намалени од 6 години на 5 години и од 4 години на 3 години и 6 месеци.
По одржаната главна расправа, донесени се пресуди за три лица, од кои две во постапка пред второстепениот суд се преиначени, и тоа од 4 години на 5 години затворска казна и од 3 години и 6 месеци на 6 години, а пресудата за едно лице осудено на казна затвор во трење од 6 години е потврдена.
За едно лице истрагата останува прекината до негово пронаоѓање, за три лица е донесена наредба за запирање на истрагата, од кои за две предметот е препратен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје, а на детето во судир со законот му се изречени воспитни мерки во траење од 1 до 5 години.
Членовите на двете организирани криминални мрежи продавале наркотична дрога преку препродавачи во Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови по цена што се движела во износ од 4.000 до 5.000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мигранти во Македонија нема да има, СДС како расипана плоча, растура пердуви во јавноста
СДС секојдневно се обидува да дојде до некакво медиумско внимание преку ширење на лажни вести, шпекулации и невистини, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како расипана плоча или касета која врти во круг, СДС во безидејност, без програма, без идеја, без аргументирана критика, растура пердуви во јавноста.
Еве денес, по не знаеме веќе кој пат, како ВМРО-ДПМНЕ, а вчера и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, веќе демантираше дека ќе има мигранти во Македонија, повторно им кажуваме на СДС, мигранти во Македонија нема да има“.
Македонија
„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено
Денес, во Кривичниот суд, продолжува судењето за грозоморно убиените коњи во ЗОО Скопје – животни кои биле под институционална грижа, а завршија убиени: измачувани, заклани на најбрутален можен начин, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди.
„Ова не е обично рочиште – ова е момент кога државата ќе покаже дали е способна да ги заштити најранливите, или ќе дозволи брутално злосторство да се избрише како да не се ни случило.
До нас доаѓаат сериозни информации дека одредени институции се обидуваат да се прогласат ненадлежни. Ако ова се реализира, тоа ќе значи едно: свесно создавање простор за неказнивост. Тоа е скандал од највисок ранг и директен удар врз правдата, моралот и здравиот разум.
Да биде јасно: коњите биле под институционална грижа, дотогаш мачени, експлоатирани животни. А во ЗОО Скопје – бездушно убиени, буквално масакрирани. Тоа е злосторство кое ја потресе целата држава, секој еден нормален човек. И тоа не смее да биде затскриено зад бирократски игри и формални маневри“.
Бараат најстроги казни, како што велат, без изговори и без обиди за релативизација.
Одговорнос, според нив, мора да има за сите инволвирани, и за извршителите, и за оние кои со своја функција, позиција или молк го овозможиле ова.
„Никој, ниту тогашниот директор, ниту било кој од раководството, не смее да биде поштеден доколку се утврди вина. Бараме најстрога казна затвор.
Ги повикуваме граѓаните, медиумите и сите организации да го следат процесот. Овој процес мора да биде видлив и под будното око на целата јавност.
Ова судење е пресвртна точка: или ќе покаже дека правдата важи за сите – или ќе докаже дека системот свесно штити злосторства. Ако дозволиме овој случај да биде потиснат, тогаш ја прифаќаме бруталноста како норма. Ние тоа нема да го дозволиме. Ова мора да заврши со казна; најстроги казни за сите инволвирани, а не со амнестија и молк“.
Македонија
Одбраната на министерот Шабан Салиу, обвинет како поранешен директор на ДЗС ќе даде воведни зборови, ново судење за „Пулс“
Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени продолжува денес во судницата во Идризово со воведни зборови од одбрана на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Пред крајот на рочиштето за „Пулс“ што се одржа минатата недела судијката Диана Груевска-Илиевска ја повика одбраната на Шабан Салиу за воведни зборови, но откога неговиот адвокат кажа дека има долг воведен збор го прекина судењето и најави дека на денешното рочиште ќе ја слушне одбраната на сите обвинети поврзани со Дирекцијата за заштита и спасување.
Шабан Салиу е актуелен министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата на Ромите 2022-2030 Тој е обвинет како поранешен директор на дирекцијата за заштита и спасување. На таа функција Салиу беше од 2088 до 2017 година.
На листата обвинети поранешни директори на Дирекцијата се и Аднан Џафероски кој директорувал од 2017 до 2020, Беким Максути кој бил директор на ДЗС од 2020 до 2024 година и Џеват Селами кој беше назначен за директор на ДЗС во август 2024 година и беше на функцијата кога се случи трагедијата во Кочани.
Како инспектор во Дирекцијата меѓу обвинетите е Љупчо Грнчиштанов.
По воведните зборови од бранителите на вработените во ДЗС следуваат воведните зборови од одбраната на поранешните министери за економија и на врабптените во Министерството за економија.

