Скопје
Се реконструира водоводната мрежа за жителите на Бојане
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, денеска извршија увид во отпочнувањето на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа во населеното место Бојане во општина Сарај.
Градежните активности на терен опфаќаат реконструкција на постојната водоводна мрежа, која има чести дефекти заради дотраеноста, како и заради незадоволителен профил и материјал на постојниот цевковод.
– Со реализацијата на овој инфраструктурен проект се решава долгогодишен проблем во овој дел од градот, а жителите на ова населено место добиваат поквалитетно водоснабдување и нови приклучоци. Се грижиме за сите граѓани подеднакво и инвестираме во обезбедување на квалитетни услови за живот во секоја општина и населено место во градот – изјави Арсовска.
Градоначалничката Арсовска истакна дека Градот Скопје континуирано работи на подобрување на водоснабдувањето во градот согласно ветените проекти од програмата „За модерно Скопје“, каде што решавањето на предизвиците со водоводната мрежа е еден од приоритетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Над 7.500 ученици во општина Аеродром добија бесплатни училишни униформи
Над 7.500 ученици од сите основни училишта и оваа година добиваат бесплатни училишни униформи составени од две блузи, две маички и дуксер.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром. Дејан Митески денеска присуствуваше на доделувањето на униформите во ООУ „Александар Македонски“ во Реонски центар Аеродром, каде што дечињата со радост ја добија својата нова училишна облека.
Целта на овој проект е да обезбеди подобри и посовремени услови за одвивање на наставата, истовремено водејќи сметка во голема мера да се растовари и буџетот на семејствата кои имаат основци.
Општина Аеродром за набавка на овие униформи издвои речиси 19 милиони денари.
Сакаме сите ученици да имаат еднаков пристап до образованието, а ние како Општина ќе продолжиме да вложуваме во училиштата и во подобрување на условите за наставата, велат од Општината.
Скопје
Стефковски: Градиме нов паркинг во Автокоманда
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски утрово беше на терен во Автокоманда каде што направи увид на градежните активности за изградба на нов паркинг простор на улица Габреш.
За посетата, градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:
Градиме нов паркинг простор на улица Габреш во Автокоманда. Утрово направивме увид на градежните активности за изградба на нов паркинг простор на улица Габреш во Автокоманда. Со реализација на овој проект обезбедуваме 58 нови паркинг места.
Решавањето на проблемот со недостатокот на паркинг места во Автокоманда, останува еден од клучните приоритети на општината.
Заклучно со изградбата на овој паркинг од почетокот на мојот мандат имаме обезбедено повеќе од 150 нови паркинг места за жителите на Автокоманда. Дополнително тим од општината во соработка со надлежните институции посветено работи на реализација на сообраќајната студија со која ќе се воведе ред во сообраќајот во мирување. Како општина работиме и на промена на Деталниот урбанистички план со кој обезбедуваме локации за изградба на катни гаражи. – напиша Стефковски.
Скопје
Општина Центар распиша оглас за доделување стипендии за талентирани ученици од областа на културата, спортот, науката, техниката и посебните вештини
Општина Центар распиша оглас за доделување на стипендии за талентирани ученици од сите осум основни училишта од областа на културата, спортот, науката, техниката и посебните вештини. Заинтересираните ученици кои сакаат да аплицираат за дадените огласи ќе може да поднесат документи само на еден оглас од областа на култура, науки, техника и посебни вештини или спорт. Доколку ученикот поднесе документи во различни категории, истите нема да се разгледуваат. Комисијата при изборот на ученици стипендисти ќе го вреднува успехот постигнат во последните три учебни години.
Стипендиите за учениците од областа на науката, техниката и посебните вештини изнесуваат од 3.000,00 до 3.500,00 денари месечно, за учениците од областа на културата 2.500,00 денари и 3.000,00 денари месечно и за талентираните спортисти стипендијата изнесува од 2.500 до 3.500 денари месечно за осум месеци во текот на учебната 2024/2025 година.
Општина Центар има за цел од секое училиште да се избере најмалку еден ученик, иден стипендист, кој во наведениот период постигнал одредени резултати и ги исполнува условите на огласот. Доколку од некое училиште нема ученик што целосно ги исполнува критериумите и условите, Комисијата ќе избере ученик што покажал највисоки резултати на одредени натпреварувања и својата одлука за тоа му ја доставува на градоначалникот за донесување решение.
Огласите се објавени на веб страната на општината каде се опишани сите услови и потребни документи за учениците кои сакаат да аплицираат и бидат идни стипендисти.
Општина Центар останува отворена за секое прашање на заинтересираните ученици.