Култура
Фестивалот за современи уметности АКТО продолжува во септември
18-тото издание АКТО продолжува на линија на претходните постпандемични изданија преиспитувајќи го значењето на прославувањето ако го земеме предвид основното значење на зборот фестивал. Преку привремени неколкумесечни контексти на истражување, едукација и продукција, потемелно се ангажира кон причините на појавите што претходно ги преиспитуваше во разчни предизвикувачки околности вкотвувајќи се во Битола.
АКТО 18 се надоврзува на истражувањата од претходните две изданија во 2021 и во 2022 година, кои ја истражуваа темата „Современи (не)демократии“, во обид согледување на процесите на приватизација, отуѓување, бришење и ревизија на историјата, кои водат кон разорување на јавното оневозможувајќи го заедничкото, но и да ги поттикне процесите на грижа. Во 2023 година преку тематиката – јавните простори во движење – АКТО презентира неколку практики, што замислуваат ослободен простор, дури и привремено, за оспорување на постојните наративи преку соработка кон кревање на гласот со игнорираните, запоставените, замолчените, незапаметените, испуштените, маргинализираните во рамките на постојната хегемонија/
АКТО 18 се отвори во јуни со изложбата „Прекаријатот има шанса“ во галеријата „Структура“ во Софија, која направи пресек на некои од најактуелните уметници во земјата претставувајќи 18 дела од 20 уметници.
Во септември фестивалот продолжува со поинтензивна динамика на настани и активности. На 14 септември следува свеченост заедно со наградата ДЕНЕС за нејзиното 20-годишно постоење како една континуирана и посветена заложба на создавање простор за младите уметници до 35 години, кои не само што имаат можност да ги прошират своите светогледи со резиденции во странски организации туку и да создаваат нови дела и критички да ги преиспитуваат своите практики.
Покрај тоа што организира престој на домашни млади уметници во странство, АКТО обезбедува престој и за неколкумина странски уметници во Скопје, кои есенва ќе се осврнат на локални архитектонско-урбанистички и визуелни феномени преку проектите „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и „Не сакаме да бидеме ѕвезди, туку делови од соѕвездија“
Во рамките на АКТО 18 ќе се отвори и лабораторијата за просторно-изведувачки интердисциплинарни практики – Градот како сцена во соработка со Архитектонскиот факултет од Скопје, како нова едукативно-истражувачка и продукциска платформа. Во рамките на лабораторијата АКТО ќе ја продолжи соработката со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб преку изложбата, што го поставува прашањето како да се размислува за заедница и солидарност во моментот по природна катастрофа.
Како да се зборува или памети градот, ќе биде прикажано во октомври на Архитектонскиот факултет преку проекцијата на документарниот филм „Витиќ танцува“, дваесетгодишна епопеја на уметникот Борис Бакал низ еден станбен модернистички објект во Загреб, дело на архитектот Иван Витиќ.
Во ноември АКТО ќе ги претстави продукциите на ФРУ на националните павилјони на Прашкото квадриенале за перформанс-дизајн и простор 2023 во рамките на МОТ, а заокружувањето на годинешната програма ќе се биде со најновата претстава на уметницата Власта Делимар во Драмскиот театар во последниот месец годинава.
АКТО 18 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Trust for Mutual Understanding New York, Фондацијата „Хајнрих Бол“, Институтот „Гете“, Европската Унија – проект „Острови на сродство“, проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди, туку делови од соѕвездија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер ПИГИ во Кинотеката
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

