Македонија
Делата на Мисирков и Шопов во фокусот на конференцијата за јазик, литература и култура со најдолга традиција во регионот
Голем јубилеј, значаен за македонистиката и за македонската држава – 50. меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
Конференцијата е отворена денес во Охрид, со учесници од дури 15 држави, покрај нашата. Истражувачи од Кина, Шведска, преку Турција, до учесници од словенските земји и од земјите од регионот, но и од други земји во кои на универзитетски центри има традиционален интерес за македонистиката се пријавени на конференцијата за да ги презентираат своите нови научни согледби од областа на македонистиката. Сите со определба да ги истакнат посебностите на македонскиот јазик, литература и култура преку своите најнови истражувања и да ги афирмираат во светот. Повеќето од трудовите што ќе бидат презентирани се однесуваат на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов.
Конференцијата ја отвори претседателот на државата, Стево Пендаровски, по што свечено обраќање имаше и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а поздравната реч од името на МСМЈЛК при УКИМ ја одржа директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Во рамките на пленарната сесија учесниците ќе ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Претседателот Пендаровски ги истакна значајноста на конференцијата и важноста на странската македонистика, одделно осврнувајќи се и на темите што се во фокусот на ова конференциско издание – делата на Мисирков по повод 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ и на Шопов по повод 100 години од раѓањето на великанот, со увереност дека од оваа конференција ќе произлезат и нови научни трудови, важни за домашната и странската македонистика.
„Токму од оваа конференција се произлезени научните трудови, кои се клучни референци за меѓународната научна верификација на македонистичките научни вистини на современ план. Преку неа се покажа и непрекинато се покажува дека зад тие вистини, со своите македонски колеги, стамено застананаа и најзначајните странски слависти и балканисти, а потем и странските македонисти. Токму нивните имиња се дел од историјата на оваа конференција. Оттука, особено ми е драго што и на ова јубилејно издание на конференцијата има состав на учесници како на ретко кој друг научен собир од областа на филологијата“, истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во своето обраќање тој напомена дека во децениите зад нас оваа конференција била и приказ на научната стварност во разните периоди и влог во иднината.
„Така е и денес! Тоа го потврдува и ова нејзино јубилејно 50. издание, на кое повторно, покрај докажани и искусни кадри, учествуваат и млади истражувачи – домашни и странски, посветеници на македонскиот јазик, литература и култура. Затоа, чувствувам обврска и да констатирам: не само флоскулно и поводно, туку суштински значајно за науката, 50. меѓународна научна конференција е синтеза на историјата, сегашноста и иднината. Ова издание на конференцијата е и влог во иднината!“, порача Јанкуловски.
Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, посочи дека преку оваа меѓународна научна конференција се потврдува дека идеите го обликуваат текот на историјата.
„Пред 50 години темелите на оваа Конференција се поставени заради идејата дека само преку поттикнување на научната дискусија меѓу странските и домашните македонисти, балканисти и слависти, на современ план може да се очекува сестрана афирмација на македонистичките научни согледби и заклучоци. Доследноста во остварувањето на таа идеја со непрекинато организирање на Конференцијата доведе до постигнувања кои денес се нови важни страници на историјата испишани од странските и домашни македонисти научници“, истакна Мојсова-Чепишевска по што се осврна на предизвикот да се организира ова јубилејно конференциско издание.
Таа нагласи и дека во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“ се работи на библиографија, во која ќе бидат презентирани сите трудови од вкупно 50 изданија на конференција, која ќе биде и влог во иднината на домашната и странската македонистика. На едно место ќе ги има сите клучни референци за македонистиката, од странски и домашни научници од изминатите 50 години, како што посочи Мојсова-Чепишевска.
Во рамките на свеченото отворање беше промовиран и зборникот од минатогодишната 49. меѓународна научна конференција. Промотивна реч за изданието имаа минатогодишните координаторки – проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, за лингвистичката секција и проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтот за македонска литература, за секцијата за литература и култура. Промотивната реч на Георгиевска-Јаковлева со својот прочит ја пренесе д-р Биљана Рајчинова-Николова од Институтот за македонска литература.
Работата на конференцијата продолжи со пленарна сесија, на која своите реферати ги изложуваат повеќемина истакнати истражувачи – слависти, балканисти и македонисти од земјата и странство, а во рамките на која ќе се обрати и министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска. По пленарната сесија, во следните три дена, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура на конференцијата, на кои ќе бидат презентирани речиси 70 нови научни труда.
Како што беше истакнато на отворањето, македонската и меѓународната академска заедница немаше подобар повод и подобра можност да даде свој научен придонес за достојно чествување на двата големи јубилеја – 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов од оваа конференција, во чиј фокус годинава ќе се токму делата на двајцата великани.
На конференцијата ќе бидат опфатени и традиционалните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, кои веќе со години овозможуваат преку научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.
Кооординаторка на лингвистичката секција на 50. меѓународна научна конференција е проф. д-р Гордана Алексова, а на секцијата за литература и култура, проф. д-р Искра Тасевска-Хаџи-Бошкова, и двете од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Конференцијата е дел од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот Пендаровски, а се организира и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Според програмата, 50. меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе трае до 3 септември 2023 година, а презентираните трудови ќе бидат објавени во одделен зборник, кој се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

