Македонија
Маричиќ од Струмица: До 2030 да имаме европски пасош, секој чекор поблиску до ЕУ ни носи повеќе можности
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната трибина од кампањата „Ние сме Европа“ во општина Струмица, на тема „Македонски труд-европска социјална политика“ рече дека треба да побрзаме со реформите и нашите обврски бидејќи европската перспектива веќе е реалност и дека после давањето на временската одредница од страна на ЕУ претставниците, навистина е возможно во 2030 да станеме членки на ЕУ.
“Нашите политики во областа на социјалната политика и младите се веќе европски. Имаме направено повеќе од сите речиси држави во нашиот регион. Нашите политики се европски затоа што се борат за оние на кои навистина им треба помош, се борат за еднаквост на сите во општеството се борат за повеќе можности за младите, се борат државата да биде еднаква и еднакво достапна за сите. Таа наша борба ќе продолжи, таа наша борба нема да застане и заедно во 2030 година ќе го развиеме европското и македонското знаме во Европската Унија“, порача Маричиќ.
Посочи дека е важно сега да побрзаме бидејќи секој ден надвор од ЕУ губиме по една можност од Европската Унија и направи споредба со државите од регионот кои се веќе членки во ЕУ повеќе од 10 години, укажувајќи дека можностите кои ги имаат овие држави денеска се причина нашите млади да сакаат да одат да работат и живеат на тие места.
Тој пред струмичани одговори дека барањето да побрзаме е поради тоа што во 2030 ќе има прием на нови членки во ЕУ и даде ветување дека ќе направат сè за да на бината на која ќе стојат претставниците на Украина, на Молдавија, на Србија, на Црна Гора, Албанија, да стојат и претставниците на нашата држава.
„Што ќе им кажеме на нашите деца, на тие млади што денеска разговаравме, ако не успееме таму да застанеме во 2030 година? Како ќе им објасниме дека не сме биле подготвени оваа година да носиме одлуки за тие во 2030 година да имаат европски пасош“, рече Маричиќ, додавајќи дека свои на своето можеме да бидеме само доколку влеземе во ЕУ, затоа што како што вели „тоа ни ги отвора шансите за младите тоа ни го нуди развојот и тоа нуди сигурната иднина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

