Свет
Уапсен еден од најбогатите Украинци кој во 2019 година го поддржа Зеленски на изборите
Украинската служба за безбедност (СБУ) го обвини олигархот Ихор Коломојски, кој беше цел на американските санкции во последните три години, за измама и перење пари. Третманот на истакнат бизнисмен, исто така еден од најбогатите Украинци, кој го поддржа претседателот Володимир Зеленски на изборите во 2019 година, доаѓа во време кога Киев сака да докаже дека се бори против корупцијата дури и во време на војна.
„Утврдено е дека од 2013 до 2020 година, Коломојски легализирал половина милијарда гривни (14 милиони американски долари) со нивно исфрлање во странство користејќи ја инфраструктурата на банките под негова контрола“, соопшти СБУ. Коломојски претходно ги отфрли сите обвинувања против него.
Тој претприемач, цел на американските санкции почнувајќи од 2021 година, се смета за еден од олигарсите кои по распадот на СССР во 1991 година натрупале огромно индустриско богатство, притоа добивајќи исклучително политичко и економско влијание.
Во предвечерието на војната, Зеленски реши да им ги скрати крилјата на олигарсите со закон кој бараше да се регистрираат и да не се мешаат во политиката. Војната ја оштети нивната моќ бидејќи профитабилните индустриски комплекси беа тешко оштетени на југот и на истокот на земјата, а нивните телевизиски канали се емитуваат преку централизиран сигнал.
Зеленски негира дека Коломојски имал некакво влијание врз владата. Двајцата пратеници, Јарослав Железњак и Ирина Герашченко, сметаат дека нападот врз Коломојски има за цел да создаде позитивен публицитет меѓу западните земји кои и помагаат на Украина во војната против Русија.
„Западните влади нема да пумпаат пари во обновата на земјата ако веруваат дека тоа само ќе ги наполни џебовите на олигарсите“, напишаа Железњак и Герашченко на Телеграм. Киев исто така аплицираше за членство во ЕУ, а Зеленски сака да обезбеди десетици милијарди долари за обнова на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои
Германија мора да се наметне и да преземе поголема одговорност во преобликуваниот светски поредок, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За време на својот говор на конференцијата на неговата партија, Христијанско-демократската унија (CDU), тој оцени дека меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои, пренесува Ројтерс.
„Ова ќе доведе до создавање нова голема стратегија за Германија во обединета Европа. Покажуваме храброст да ја обликуваме иднината и храброст да се наметнеме“, рече Мерц.
Конгресот на ЦДУ се одржува денес и утре, 21 февруари, и тоа е првиот голем состанок на партијата откако Мерц ја презеде функцијата канцелар во мај минатата година, пренесува Танјуг.
Регион
Вицепремиер во новата бугарска влада поднесе оставка само еден ден по положувањето заклетва
Бугарскиот вицепремиер Стоил Цицилеков, поднесе оставка 24 часа откако положи заклетва во парламентот и ја презеде функцијата.
„Чесните избори се поважни од секој поединец“, изјави тој на брифинг, образложувајќи ја својата одлука.
Во врска со обвинувањата упатени против него – поврзани со поседување марихуана и управување возило во алкохолизирана состојба – Цицилеков изјави дека има чисто досие.
„Немам обвиненија, немам пресуди, немам важечки ограничувања во моментов“, рече тој и додаде дека во случајот незаконски биле користени архиви и објавени лични податоци. Цицилеков истакна дека неговото професионално искуство не било доведено во прашање и најави дека ќе ги бара своите права по судски пат, пренесува „Инвестор.бг“.
Пратеници од партијата „Има таков народ“ ги објавија обвинувањата против Цицилеков и коментираа дека имаат сомнежи оти тој има забрана да учествува во мисии на Европската унија за набљудување избори.
„Чесните избори се приоритет за оваа влада“, изјави вицепремиерот, посочувајќи дека својата одлука ја усогласил со привремениот премиер Андреј Ѓуров. По разговори во тимот било оценето дека личноста на вицепремиерот за чесни избори може да ѝ наштети на каузата, по што Цицилеков поднел оставка.
Нападите врз него се насочени кон Владата и кон спроведувањето чесни избори, изјави и премиерот на привремената техничка влада, Андреј Ѓуров.
„За нас има нешто многу поважно од политичката битка и од тоа кој ќе извлече краткорочни политички поени од овој чин“, додаде тој.
Претходно денеска, претседателката Илијана Јотова изјави дека ќе потпише барање за оставка од Стоил Цицилеков. Таа претходно посочи дека не сноси одговорност за составот на кабинетот, но повика на соодветни мерки доколку обвинувањата се покажат како основани.
Свет
Шведска студија: Една петтина од жените воопшто не сакаат да раѓаат деца
Истражување на „Афтонбладет“ покажува дека 22 отсто од жените во Шведска на возраст од 20 до 45 години воопшто не сакаат деца, додека таков став имаат само 8 проценти од мажите. Резултатите укажуваат на загрижувачки демографски трендови и го објаснуваат падот на стапката на плодност низ Европа.
Минатата година стапката на плодност во Шведска падна на 1,43 – најниско ниво откако се води статистика од 1749 година. Просекот во ЕУ е 1,38. За одржување на бројот на населението без миграција потребни се околу 2,1 деца по жена.
Според податоците, најниска стапка имаат Малта (1,06), Шпанија (1,12) и Литванија (1,18), а највисока Бугарија (1,81) и Франција (1,66).
Мартин Колк, професор по демографија на Универзитетот во Стокхолм, оценува дека разликите меѓу желбите на жените и мажите за родителство се слични со трендовите во земји со многу ниска плодност како Јапонија, Јужна Кореја, Шпанија и Италија. Тој посочува дека останува прашањето дали младите ќе имаат деца подоцна или целосно ќе се откажат од родителството.
Најчести причини што ги наведуваат младите жени во Шведска за одложување на мајчинството се стабилни приходи, соодветен партнер, подобро домување и сигурна работа. Раѓањето деца сè повеќе се гледа како планиран проект, кој бара исполнување на повеќе услови.
Демографите предупредуваат и на таканаречена „демографска инерција“ – намалувањето на бројот на жени во репродуктивна возраст значи дека дури и мало подобрување на стапката на плодност нема брзо да го зголеми бројот на новородени. Во некои земји, како Италија, трендот можеби веќе тешко ќе се промени без имиграција.

