Свет
Северна Кореја: Спроведовме тактичка вежба за нуклеарен удар

Северна Кореја вчера изведе симулирана вежба „тактички нуклеарен удар“ со две крстосувачки ракети со долг дострел, објавија државните медиуми, додека лидерот Ким Џонг-ун ја надгледуваше изградбата на бродови и фабрика за муниција.
Споменатата вежба била изведена во саботата наутро со цел да се „предупредат непријателите“ дека земјата ќе биде подготвена во случај на нуклеарна војна, пренесува државната новинска агенција КЦНА. Пјонгјанг вели дека ќе продолжи да работи на „тактики за одвраќање“ насочени кон Вашингтон и Сеул.
Две крстосувачки ракети со лажни нуклеарни боеви глави беа истрелани кон Жолтото Море на западната страна на Корејскиот Полуостров, прелетивјќи 1.500 километри на височина од 150 метри. Со цел да ја нагласи важноста од зајакнувањето на поморските сили на Северна Кореја, Ким Џонг-ун посети фабрика за муниција и комплекс каде во тоа време се произведуваат поморски мотори.
„Ким Џонг-ун потврди дека на идната пленарна седница на Централниот комитет на Работничката партија, акцентот ќе биде ставен на модернизацијата и развојот на бродоградбата“, се вели во соопштението на државната агенција, но не е прецизиран датумот на пленарната седница.
Последната севернокорејска вежба уследи два дена по завршувањето на заедничката годишна вежба меѓу Јужна Кореја и САД, која траеше 11 дена, при што беа спроведени воздушни вежби со бомбардери Б-1Б.
Севернокорејскиот лидер ја посети морнаричката флота на источниот брег пред десет дена за да биде сведок на тестирањето на крстосувачки ракети, додека Пјонгјанг го критикуваше договорот меѓу Сеул и Вашингтон за зајакнување на воената соработка потпишан минатиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешка влада: За прв пат во историјата не сме зависни од руската нафта

Чешка стана целосно независна од руската нафта за прв пат во својата историја, соопштија денеска владини претставници, откако го зголемија капацитетот на Трансалпскиот гасовод (ТАЛ) кој носи нафта од запад.
Првите зголемени залихи стигнаа до централното складиште за нафта во Чешката Република преку гасовод, изјави премиерот Петр Фиала на денешната прес-конференција емитувана на чешката телевизија.
Чешката влада се обиде да стави крај на својата делумна зависност од нафтоводот Дружба, кој транспортираше нафта од Русија речиси 60 години.
Кон крајот на минатата година, чешкиот нафтовод МЕРО ја заврши надградбата долж ТАЛ, кој транспортира нафта од танкери во италијанскиот град Трст до Германија, каде што се поврзува со гасоводот ИКЛ до Чешка.
Надградбата на ТАЛ го зголеми капацитетот со кој располага Чешка на осум милиони тони годишно, што е доволно за годишните потреби на земјата.
Чешката компанија за преработка на нафта Орлен Унипетрол ја набавуваше половина од својата сурова нафта од Русија, а другата половина од ТАЛ.
Компанијата ги користи државните резерви за да ги одржи претходните нивоа на производство откако испораките на Дружба беа прекинати во март, но се подготвува да ја користи исклучиво нафтата што ќе ја добие од ТАЛ по зголемувањето на капацитетот.
Свет
НАСА открива кога ќе се случи крајот на светот и како ќе изгледаат последните денови на Земјата

Иако крајот на светот можеби ни изгледа далечен и апстрактен, научниците од НАСА предупредуваат дека тоа не е сосема невозможно – и дека всушност има свој пресметан датум.
Неодамна, научниците изразија загриженост за можните закани кои би можеле да го загрозат опстанокот на животот на Земјата, потсетувајќи на предупредувањата на познатиот физичар Стивен Хокинг, издадени само две недели пред неговата смрт во 2018 година.
Тим експерти од НАСА, во соработка со истражувачите од јапонскиот универзитет Тохо, користеле математички модели и суперкомпјутери за да создадат временска рамка за целосно исчезнување на животот на Земјата. Врз основа на податоците и пресметките, животот на Земјата нема да преживее повеќе од следните милијарда години поради екстремните услови кои на крајот ќе станат неподносливи за секој облик на живот.
Главниот „виновник“ ќе биде Сонцето. Научниците предвидуваат дека неговата зголемена топлина постепено ќе ги „проголта“ внатрешните планети на Сончевиот систем, вклучително и нашата. Според моделите, условите за живот ќе станат сè понеповолни за неколку милиони години, а целосно исчезнување на животот се очекува околу 1.000.002.021 година.
Како што Сонцето продолжува да се шири, температурите на Земјата експоненцијално ќе се зголемуваат, а квалитетот на воздухот драстично ќе опадне, покажуваат податоците од суперкомпјутерот. Иако крајот изгледа далечен, ние веќе ги чувствуваме последиците – сончевите блесоци и короналните масовни исфрлања веќе предизвикуваат промени во атмосферата.
Во последните години е забележана најсилната сончева бура во последните две децении, со милијарди тони честички и моќно магнетно поле. Овие бури ја нарушуваат атмосферата, влијаат на нивото на кислород и дополнително го забрзуваат глобалното затоплување.
Климатските промени и се поизразените ефекти од човековата активност сериозно го загрозуваат балансот на планетата. Експертите предупредуваат дека темпото на глобалното затоплување ги надминува претходните прогнози, што може да има катастрофални последици за опстанокот на сите живи суштества.
Сепак, постојат и оптимистички сценарија. Напредокот на технологијата би можел да помогне да се создадат затворени системи со вештачки услови за живеење – капсули кои ќе обезбедат вода, воздух и заштита од надворешни влијанија. Како начин за зачувување на човечкиот вид се смета и колонизацијата на други планети, првенствено Марс.
Меѓу водечките поборници на идејата за колонизација на Марс е контроверзниот милијардер Илон Маск, чија компанија „Спејс Икс“ веќе развива проекти за создавање човечки населби на Црвената планета.
Регион
Јотова: Постои обид од колегите од РСМ нормалните барања на Бугарија да ги претстават како каприц

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ќе разговараат за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Тие ќе учествуваат на отворањето на форумот „Европската Унија се среќава со Балканот“.
„Ова ќе биде моја прва средба со комесарката Кос. Сакаме да чуеме од неа каква е визијата за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Мојата опсервација е дека оваа тема е целосно напуштена во последните месеци“, рече таа пред почетокот на форумот, пренесуваат бугарските медиуми.
Јотова исто така потврди дека ќе го изнесе ставот на Бугарија во врска со Република Северна Македонија.
„Според мене, оваа дебата се искривува, и овде во Бугарија и на европската сцена. Постои обид од страна на нашите колеги од РСМ да ги претстават нормалните барања на Бугарија – да се почитуваат европските критериуми – како речиси каприц од наша страна, а покрај тоа, се обидуваат да ги стават во билатерална блокада, што не е вистина“, коментира Јотова.