Култура
Јубилејно 20-то доделување на наградата за млади уметници „Денес“
Со изложба на тројцата годинешни добитници на наградата „Денес“, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли, на 14 септември во Националната галерија – Чифте амам, ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен/а уметник/чка до 35 години.
Наградата „Денес“ е платформа од единствен вид во земјава, која што во текот две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата.
Таа е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Намерата на наградата „Денес“ е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на фестивалот АКТО.
Иницијалниот и суштински интерес за формирање на оваа награда е да се прикаже креативноста на младите уметници кон поширок круг на публика, создавање на нови можности за уметниците кои учествуваат, со вклучувањето на ликовните институции и професионалци во отворен и непристрасен годишен процес на размислување и одлучување за наградата, што би требало да резултира со нови модели на оперирање во културниот и институционалниот живот. Наградата „Денес“ е релевантен показател на развојот на уметничкиот контекст на младата уметничка креативна сила.
Одбележувањето на 20-годишнината на наградата „Денес“ почна во април годинава со петдневна едукативно-дискурзивна програма за млади уметници „Совршениот уметник“ во НГРСМ „Мала станица“, каде што млади уметници стекнаа практично-теориски вештини во современата уметност и критички увид во својата практика, но и во локалниот контекст виден од интернационална перспектива. Потоа продолжи со изложбата „Прекаријатот има шанса: јавни простори во движење (кон)“ во галеријата „Структура“ во Софија, каде што 20 уметници од земјата, некои од нив добитници, учесници или финалисти на наградата „Денес“, ја претставија својата рецентна практика пред софиската публика.
Одбележувањето кулминира со изложба на тројцата добитници на наградата „Денес“; документарна изложба за наградата „Денес“ и церемонија по повод јубилејот придружена со музичка и дискурзивна програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

