Регион
Драма во познато одморалиште: Пожар зафатил пет чамци, едно лице завршило во болница во Мали Лошињ
Едно лице е повредено во пожар во Мали Лошињ, кој зафатил пет чамци долги шест метри, од кои три целосно изгореле.
Пожарот се случил вчера попладне, а повредениот е хоспитализиран.
Пожарот го изгаснале шест пожарникари, јавуваат хрватските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Училиштата во Загреб алармираат: ученици разменувале експлицитни материјали од насилство на „Ватсап“ група
Неколку основни училишта во западниот дел на Загреб ги предупредиле родителите за содржини што ги разменувале ученици во „Ватсап“-група наречена „Луѓенца“, објави „Јутарњи“.
Според информациите, во групата се споделувале експлицитни сексуални материјали, нацистички симболи и фотографии со крајно насилен и вознемирувачки карактер. Директори на училиштата ги повикале родителите да обрнат поголемо внимание на активностите на своите деца на мобилните телефони.
Една мајка за која пишува „Јутарњи“ изјавила дека е згрозена кога дознала на каков материјал може да наидат децата, предупредувајќи дека многумина родители не знаат како да пријават несоодветна содржина на „Ватсап“. Училиштата, според весникот, најавиле дополнителна едукација за безбедно користење на интернет.
Психологот Јокиќ Бегиќ за „Јутарњи“ изјавил дека ваквите случаи укажуваат на сериозен пад на општествените норми и недостиг на контрола, нагласувајќи дека решението е навремена едукација и јасно одбивање на вакви содржини од страна на јавноста.
Од Град Загреб за „Јутарњи“ потврдиле дека станува збор за неколку училишта и дека случајот е пријавен во полиција. Оттаму апелираат родителите да ги следат активностите на своите деца на социјалните мрежи и да пријавуваат сомнителни материјали.
Директорка на едно од училиштата, чија порака ја пренесува весникот, навела дека слични содржини се делат и на „Снепчет“, предупредувајќи дека станува збор за одвратна и опасна содржина што може да го загрози менталното здравје и безбедноста на децата.
Регион
(Видео) Шокантна сцена во Дубровник: што се исфрли морето на брегот
Шокантни слики доаѓаат од Јадранското Море, каде што најпознатата плажа во Дубровник, Бање, е оставена покриена со ѓубре откако морето исфрлило големи количини отпад на брегот!
Жителите на Дубровник ги фотографираат и снимаат тажните сцени од познатата плажа, но не се изненадени од оваа сцена бидејќи се повторува од година во година.
Како што објави „Дубровачки дневник“, ова е проблем што се повторува со години, кога морето носи огромни количини ѓубре, најчесто од Албанија, на хрватските брегови и плажи.
фото: принтскрин
Регион
Милановиќ: Војната е посреднички судир меѓу Вашингтон и Москва и ќе се реши само со нивен договор
Дијаболичен е советот на западните лидери до Украина да не го прифати мировниот план што го понудија американскиот претседател Доналд Трамп и Русија, изјави во Загреб хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
„Дали тоа е нивно население? Дали некој има земно и божјо право да ја донесе оваа одлука без Украинците? Тие нека одлучат, но од страна да им се сугерира дека не смеат да го прифатат тоа што го нудат Трамп и Русија — која е цената за тоа?“, рече Милановиќ пред новинарите на изложбата „Череп C – светско палеоантрополошко наследство“ во Хрватскиот природонаучен музеј.
„Тоа е всушност ѓаволско, сатанистичко, да не кажам неморално. Од каде ми е правото да му советувам некому: не се согласувај со тоа, значи, продолжи да умираш. Бидејќи тоа е она што се случува. Луѓето умираат и територија се губи“, додаде тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно рече дека планот на Трамп оди во вистинска насока, но дека постојат аспекти што треба да се подобрат за да биде прифатлив за Украина и Европа.
Почетната верзија на американскиот документ предизвика противење од Киев и неговите европски сојузници – Париз, Лондон, Берлин и Рим – кои се собраа во Женева во неделата за да спречат мировен договор што би значел капитулација.
Милановиќ истакна дека никој од оние што зборуваат за ова, како шефовите на повеќето европски држави, нема реално влијание, но тоа не ги спречува „да создадат некаква форма на хаос“.
Тој повтори дека војната во Украина е посредничка војна меѓу Вашингтон и Москва и дека ќе биде решена само со договор меѓу нив.
Според него, од едната страна е НАТО, сојуз кој со години се шири„на прилично арогантен начин, а од другата страна е Русија, опасна сила која постојано предупредувала на тоа.
„Потоа морализираат и му даваат совети на (украинскиот претседател Володимир) Зеленски, кој, за своја заштита, сакал да постигне договор со Русите во 2022 година во Истанбул, а пред тоа во Минск, при што ништо не требало да оди во Русија“, рече Милановиќ, додавајќи дека импулсите на украинското раководство биле точни.
Зеленски, според него, бил спречен од „агенти на хаосот“ кои го охрабрувале да се бори и го уверувале дека ќе го поддржуваат колку што треба „сè додека не се предомислат“.
„Тие отидоа да преговараат за спроведување некаква верзија од договорот налик на Минскиот од 2014 година, кој европско-американската структура постојано го рушеше со намера да предизвика конфликт и да ја ослаби Русија — и успеаја спектакуларно“, рече Милановиќ.
На новинарско прашање дали мировниот договор би можел да ја охрабри Русија, хрватскиот претседател одговори дека Русија „нема сила за ништо повеќе од ова“.
„Еден ден од истите луѓе слушаме дека Русија е држава која не е ништо повеќе од бензинска пумпа со нуклеарно оружје. Од друга страна, слушаме дека е толку опасна што Германците треба да почнат да се вооружуваат и да чуваат оружје и муниција дома. Што е вистина?“
Тој додаде дека може да ги разбере чувствителностите и стравовите на балтичките држави или Полска од Русија, „но не и на некои други земји“.

