Македонија
Почина Крсте С. Џидров, еден од најзначајните македонски сценографи и архитект
Друштвото на филмските работници на Македонија изразува длабоко жалење по повод смртта на својот член, истакнатиот македонски сценограф и архитект Крсте С. Џидров-Џиби, кој почина на 73-годишна возраст.
Крсте С. Џидров е роден на 22. 12. 1950 во Скопје и почнувајќи од 1970 година, до денес работи во областа на театарот. Џиби има изработено над 90 сценографии за драмски претстави во професионалните театри во Македонија и на просториите на некогашна Југославија, од кои над 15 од нив се наградени на фестивали, театарски манифестации и слично. Освен театарска сценографија, тој работи и сценографии за филм – досега има работено на пет реализирани целовечерни играни филма, како и за повеќе кратки филмови и комерцијални спотови. Џидров има работено и сценографии за приредби од државен карактер, конгреси, културни манифестации, модни ревии и слично. Освен со сценографија, тој се занимава и со графички дизајн, при што има дизајнирано поголем број каталози и плакати за потребите на повеќе театарски претстави, комерцијални проспекти, како и плакати за некои фестивали.
За својата сценографска и графичка дејност, Крсте С. Џидров е добитник на повеќе значајни награди. Од наградите за сценографија, кои ги има добиено, се оние на: аматерските театарски смотри во Кочани во 1981 година за претставата „Како трупата“, „Сина блуза“ ќе ја прикажеше „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел; потоа на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1984 година (за „Натемаго“ на Филозофскиот факултет и „Пахантика во сон“), 1987 година (за „Калуѓерички тишини“), 1989 (за „Спиро Црне“), во 1993 (за „Женски прилог во ноќта“) и во 2003 година за претставата „Колку пати ќе умираме“. Исто така, добитник е на наградата на фестивалот „Стериино позорје“ во Нови Сад во 1987 година, каде што ја има добиено наградата УЛУПУДС за претставата „Дервишот и смртта“ на Покраинското позориште од Приштина; на Позоришни сусрети Јоаким Вујиќ во Приштина, 1988 година, за претставата „Брегот на жалоста“; на БИМАС 85 за претставата „Бакхи“ на Дубровничките летни игри во 1985 година и на фестивалот на Албанскиот театри во Дебар за претставата „Дервишот и смртта“, Албанска драма Скопје, во 2004 година. Од наградите за театарски плакати значајни се оние на Триеналето на театарски плакат – Стериино позорје, Нови Сад, за претставата „Баал“, во 1990 година и наградата на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за претставата „Грев или шприцер“ (1993 година).
Во својата долгогодишна работа прилично голем дел од сценографиите ги има направено за претставите на режисерот Владимир Милчин. Нивната соработка почнува од времето на постоењето на театарската, авангардна и култна театарска група „Театар кај Св. Никита Голтарот“ (1970 година), каде што Џиби е актер, а Милчин режисер. Претставата на „Голтарите“ беше направена според стиховите на писателот Славко Јаневски, со наслов „Скици од преданието каинавелско“, која во тогашната СФРЈ постигна големи успеси на многуте фестивали на кои настапуваше.
Во бројката од 41 режисер, со кои соработувал Џидров, најголем број се македонски режисери од сите генерации: Амет Јакупи, Коле Ангеловски, Илија Милчин, Владо Цветановски, Љупчо Тозија, Владо Денчов, Срѓан Јанаќијевиќ, Димитар Христов, Кирил Петрески, Куштрим Бектеши, Мартин Кочовски, Софија Ристеска, Зоја Бузалковска, Александар Ивановски, Рефет Абази, Бесфорт Идризи, Нехат Мемети… Во својата сценографска кариера Џидров соработува и со гостувачки режисери од странство, како што се Ајрин Луис (САД), Владимир Шмигашиевич (Полска), Златко Свибен (Хрватска), Георги Михалков (Бугарија) Александра Ковачевиќ, Златко Паковиќ (Србија), Иван Поповски (Русија), Џејмс Амар (Франција), Тања Милетиќ-Оручевиќ, Дино Мустафиќ (БиХ), Примож Беблер (Словенија), Фадиљ Хисај, Илиријана Арифи, Агон Мифтари, Агим Сопи, Есад Брајшори (Косово), Гјерг Превази (Албанија), Метју Лентон (Шкотска).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

