Свет
„Жив и здрав со семејството“ – новинарка објави фотографија од рускиот генерал Суровикин за првпат во јавноста по бунтот „Вагнер“
Руската новинарка Ксенија Собчак на својот профил на „Телеграм“ ја објави првата фотографија, на која што тврди дека е поранешниот генерал Сергеј Суровикин кој „исчезна од јавноста“ по бунтот на групата Вагнер.
„Генералот Сергеј Суровикин е надвор. Жив, здрав, дома, со семејството, во Москва. Фотографијата е направена денес“, напиша Собчак откако објави фотографија на која се гледа маж кој носи очила за сонце и капа додека оди покрај жена која личи на сопругата на Суровикин, Ана.
Сергеј Суровикин беше врховен командант на Воздухопловните сили на Руската Федерација и исто така ја водеше руската инвазија на Украина од октомври 2022 до јануари 2023 година. Под него, руската војска почна да ја бомбардира енергетската инфраструктура на Украина и го напушти Херсон.
По обидот за државен удар на Евгениј Пригожин, основач на групата „Вагнер“, се појавија извештаи дека Суровикин, заедно со голем број други високи руски офицери, биле отстранети од служба и приведени. Официјално оваа информација не беше потврдена, но Суровикин не се појави во јавноста.
Според руските медиуми, денес по прес-конференцијата на претседателите на Русија и Турција во Сочи, новинарите го прашале рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу што се случува со Суровикин и дали е во тек истрага против него. Министерот не одговори, се додава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.