Македонија
Со донацијата од македонските граѓани ќе се гради училиште во Турција, ќе го носи името Maкедонија, а училниците ќе се именуваат по македонските градови
Вкупно 63.380.807 денари во Македонија беа собрани за помош на Турција по земјотресот, објави Црвениот крст.
Oд собраните средства, 12.427.334 денари, се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за помош на настраданото население во Сирија.
Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со Турската Црвената Полумесечина, на заеднички предлог, одлучи собраните хуманитарни средства во износ од 50.909.796 денари, да се наменат за изградба на училиште во градот Малатија.
Новото училиште ќе го носи името на нашата држава, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите на нашата држава, информираа од Црвениот крст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И седмоодделенците ќе имаат учебници од септември, МОН и БРО најдоа преодно решение
По неколкудневни разговори Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието изнајдоа решение за непречена реализација на воспитно – образовниот процес за учениците од седмо одделение. Од септември тие ќе можат да ги користат учебниците кои се применуваат досега, со додатни материјали кои ќе бидат изработени од страна на Бирото за теми кои недостасуваат во истите, а предвидено е да се изучуваат годинава. За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение, извести МОН.
Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение, настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени.
Министерството за образование и наука изразува благодарност до директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи и до сите кои учествуваа во процесот на изнаоѓање решение и очекува продолжување на добрата соработка во интерес на учениците и нивна квалитетна едукација.
Информираме дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија, велат од МОН.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за јуни 2024 година.
Корисниците на парични права што поседуваат дебитна картичка ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 5 јули 2024 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците што не користат картички исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето, и тоа:
5.7.2024 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ;
8.7.2024 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
„Тие се против реформите затоа што удобно им е да седат во фотелји, да земаат плата и имаат само два процента доверба“, рече Мицкоски за членовите на Судскиот совет
„Убава е нивната позиција, секој месец да си земате плата, а да имате два процента доверба кај граѓаните. Таа е најубавата позиција, комфорна, заседнати во дебели кожени фотелји со црвени килими и секој ден да доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само два процента доверба. И нормално е кога некој сака инвазивно да дејствува, да направи реформа, веднаш од другата страна имаме одбранбен механизам, кој вели, не, не, ние сме против тоа, затоа што реформата што ние ја предвидувавме предвидуваше да нема повеќе удобни фотелји, туку да има одговорност и отчетност за да видиме што е тоа што тие сработиле до сега“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Премиерот Мицкоски потенцира дека треба да им е срам што сè уште земаат народни пари, а уживаат доверба од само два процентса, наместо и самите да речат дека навистина треба да се променат работите потенцирајќи дека Владата ќе продолжи да нуди решенија и да се промени нешто, односно, како што рече, да не биде како до сега бидејќи поради тоа Македонија се празни.
„И, сега, нормално е дека ќе се појавуваат и таков тип експерти и таков тип луѓе што се дел од тие тела, кои имаат доверба од два процента. Јас би се засрамил да имам два процента доверба. Веднаш ќе ја напуштам работата што ја работам и ќе се занимавам со нешто друго. А оние што повеќето од нив видовме како таму се поставени, наместо да се засрамат и самите да речат дајте навистина нешто да направиме, тие продолжуваат и понатаму да ги трошат народните пари, па дури и уште испраќаат пораки во јавноста и се закануваат. Ние ќе продолжиме да нудиме решенија, ние тоа го знаеме, да нудиме решенија. Ако имаат тие подобри решенија, нека дојдат да разговараме за да смениме нешто, да не биде како до сега. Затоа што ако како до сега, децата ни се иселија, Македонија се испразни“, вели премиерот.
Мицкоски нагласи дека борбата со криминалот и корупцијата, како и владеењето на правото, биле носечки столбови на оваа Влада бидејќи и поради тоа добиле повеќе од 600.000 гласа.
„Ако оставиме ваков тип на функционери, кои уживаат народни пари, а ништо не прават со доверба од два процента, како држава нема да одиме долго. Како држава нема да одиме долго ако не направиме сериозни темелни структурни реформи. Тоа е суштината. А борбата со корупцијата и криминалот и владеењето на правото беа едни од носечките столбови за време на кампањата на оваа Влада за што добивме повеќе од 600.000 гласа“, дециден е премиерот.