Економија
До крајот месецот граѓаните ќе може да вршат увид во надоместоците за платежни услуги на банките на веб-страницата на Народната банка
Народната банка на својата интернет-страница до крајот на овој месец ќе почне да објавува споредбени податоци за видот и висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежните сметки по поединечен давател на платежни услуги (по банка). Овие активности на централната банка се преземаат за натамошно зајакнување на заштитата на граѓаните како потрошувачи на овие услуги и се овозможени со новиот Закон за платежните услуги и платните системи. Со пристапот до овие податоци граѓаните ќе може да споредат и да проценат кои услуги и производи соодветствуваат најмногу на нивните потреби. Покрај транспарентноста, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе и кон повисока конкуренција помеѓу давателите на платежни услуги, а со тоа и кон понуда на поповолни услови.
За оваа цел, Народната банка подготви листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно, на воедначен начин, ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги, кои за граѓаните ќе бидат достапни преку посебна платформа за споредба на надоместоците, што веќе ја изработија стручните служби на централната банка. Платформата ќе им овозможи на граѓаните на прегледен начин да прават споредби на надоместоците за одделен производ или услуга, кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги.
Новиот Закон за платежните услуги и платните системи, кој стапи во сила на почетокот на годинава, обезбедува добра правна рамка за заштита на правата на граѓаните како потрошувачи на платежни услуги.
„Првпат во историјата на користењето на платежните услуги во нашата земја се воведува законска обврска за давателот да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, во кој треба да биде содржан и задолжителен сет информации, вклучително и за можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Притоа, од особено значење за заштитата на потрошувачот е законската обврска за давателот на платежните услуги да му даде информативен документ за надоместоците, пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со рамковниот договор. Информативниот документ за надоместоците е стандардизиран и има цел да им обезбеди на потрошувачите споредливи информации за надоместоците за најчесто користените платежни услуги во Република Северна Македонија или т.н. најрепрезентативни услуги. Давателот има законска обврска да доставува извештај за наплатените надоместоци до потрошувачот, најмалку еднаш годишно“, соопштија од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

