Македонија
Стојаноски за даночните реформи: На криминалците од власта поважно им е да го соберат арачот, а трагедиите од Онкологија да ги скријат

Денес, ќе продолжи 120. седница, на која ќе се разгледуваат законите од т.н. даночна реформа наместо да дискутираме за скандалот на Универзитетската клиника на радиотерапија и онкологија. Итно расчистување на овој грозоморен скандал е приоритет и го повикуваме владиното мнозинство да не бега и веднаш да се формира анкетна комисија и да се разгледува извештајот на ДЗР за утврдените неправилности уште од 2021 година, истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
На криминалците од власта, како што вели, поважно им е да го соберат арачот за да продолжат да крадат, а трагедиите на пациентите од Онкологија и фактот дека некој свесно убивал луѓе сакаат да ги скријат низ собраниските лавиринти.
„За потсетување на граѓаните, ова не е даночна реформа, туку арач на сите нивоа. Со данокот за додадена вредност се зголемува ДДВ за храната на 10 % наместо сегашните 5 %. Иако бараме веќе неколку месеци, власта одбива да ја даде целосната листа на производи што ќе ги поскапи. Во услови на инфлација, која е особено изразена кај прехранбените производи, власта дополнително ќе ги покачи цени. Дрско, безобразно и надвор од реалноста“, рече Стојаноски.
Појасни дека со законот за данок на добивка ќе ги укинат ваучерите за спорт.
„Кога ги фатија функционерите од Агенција за млади и спорт дека прават злоупотреби, решија да ги укинат ваучерите, а со тоа да ги казнат спортистите. Системот има слабости, но тие треба да се отстранат, а не да се укинат 10 милиони евра, кои го одржуваат и онака кревкиот спорт во Македонија. Во комисиската расправа, министерот за финансии најави нов модел, но еве веќе 3 месеци поминаа, а такво нешто нема. Дополнително, се додава уште една спорна одредба, која му дава преголемо дискреционо право на инспекторот од УЈП да казнува за реинвестирана добивка – на база на субјективна одлука. Ова е уште една гилотина за притисок на стопанството“, нагласува Стојаноски.
Со третиот закон, кој се однесува на данокот на солидарност, Владата, дополнува Стојаноски, удира по најуспешните од стопанството.
„Се повикуваат на европски практики, само за побргу да се дограбат до пари, кои немилосрдно ќе ги трошат. Не постои регулатива во ЕУ со која е воведен еднократен данок за сите компании како што е кај нас. Во ЕУ овој данок се однесува само на енергетските компании што работат со нафта, јаглен, природен гас и електрична енергија. Овој закон нема поддршка од ниту еден општествен фактор и сите стопански комори се едногласно против ова решение. Власта ќе собере стотина милиони евра од граѓаните и стопанството. Овие пари власта може да ги собере со сузбивање на распространетата сива економија, но тоа не го прави. Полесно им е да зголемат давачки отколку да работат“, потенцира Стојаноски.
Апелира до мнозинството веднаш да се почне со постапката и расправата за случувањата на Онкологија.
„Секој изминат ден е можност за трговците со цитостатици да ги забошотат трагите. Мора да се утврдат лицата што направиле злоупотреба и да бидат соодветно казнети. Довербата пациент – доктор е сериозно нарушена, да се лоцира одговорност е повеќе од неопходно“, оценува Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски за тендерот за униформите: Се фокусиравме на квалитетот и цената, нема неправилности

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагира на обвинувањата за тендерот за униформите за припадниците на полицијата, велејќи дека постапката била предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не биле најдени никакви неправилности.
По обвинувањата од опозициската СДСМ дека тендерот го добиле две фирми, од кои едната со двајца вработени, а другата отворена 20 дена пред постапката, Тошковски образложи дека нивната логика е поттикнување на конкуренцијата и фер пристап.
Премногу строги критериуми, вели Тошковски, често ги елиминираат малите и средни претпријатија, кои во Македонија се најконкурентни и често можат да понудат најдобри цени. Наша цел, додава министерот, е да добиеме најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа го постигнуваме со овозможување на поширок круг на понудувачи.
„Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби“, дециден е Тошковски.
Министерот појасни и дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума одеднаш, туку склучена е рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години. Самата рамковна спогодба, вели тој, не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите.
„Наместо само на историјат на понудувачите, ние се фокусиравме на она што е најважно, реалниот квалитет на производот. Затоа, клучните услови беа задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории. Важно е да се нагласи и дека техничките спецификации за униформите и нивните делови се уредени со Правилник кој е јавно објавен во Службен весник. Тоа значи дека тие се стандардизирани и нема можност за какво било влијание врз нивната содржина, што обезбедува еднаков пристап за сите економски оператори“, се вели во реакцијата.
Покрај квалитетот, како што се додава, клучен фактор е и цената. Анализата покажала дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4 отсто за дел 1 и 27,9 отсто за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени.
Во врска со тоа дека обвинувањата доаѓаат од СДСМ, Тошковски рече дека токму тие што ги оставија полицајците без униформи, принудени сами да си крпат, шијат или позајмуваат делови од пензионирани колеги имаат образ да зборуваат за наводни криминални тендери.
Македонија
Таравари контра Фетаи: Неговата група брои помалку од 40 луѓе кои чувствуваат вознемиреност и вина

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари ја коментираше прес-конференцијата на неговите поранешни партиски соборци кои јавно денес излегоа со став дека остануваат во Влен, и не се согласуваат со неговите политики.
Таравари вели дека тоа е група од помалку од 40 луѓе на Арбен Фетаи (претходно го разреши од партиската функција), а чувствуваат мешавина од вознемиреност и вина.
„Анксиозноста е најлошото чувство кое човек го доживува…особено кога е измешано со чувство на вина! Продолжуваме помирно и посигурно од кога било кон Октомвриската победа која е блиску…многу блиску!“, пишува Арбен Таравари, претседател на Алијансата за Албанците.
Ставот на неговите поранешни сопартијци е дека Албанците сакаат да продолжи промената, а не враќање на старото, по најавите на Таравари за соработка и со ДУИ на претстојните локални избори.
Македонија
Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото, велат неистомислениците на Таравари од Алијансата

Го слушнавме нашето членство. Се сретнавме со нашите активисти во секој град – од Липково до Струга. И пораката е јасна: Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на некогашните соработници на Арбен Тараври од Алијансата за Албанците, кои не се согласија со одлуката да ја напушти Владата.
На прес-конференцијата зборуваше ексминистерот од Алијансата, Азир Алиу, а присутен беше и Арбен Фетаи, којшто Таравари вчера го разреши од партиските структури.
Тие не се согласуваат со поличкиот правец кој го зазема Таравари, најавувајќи соработка и со ДУИ за претстојните локални избори.
„Во овој турбулентен политички период, кога стариот режим ги прави последните обиди да ја затемни надежта за промени, ние избравме да не реагираме брзо. Слеговме на терен, ги слушавме нашите активисти, разговаравме со партнерите и размислувавме – со смиреност и одговорност“, рече Алиу.
Оваа група од веќе поделената Алијанса, смета дека земјата има потреба од стабилност, развој, одговорно владеење и од Алијанса која нема да ja предаде довербата добиена од граѓаните. Тврди дека се залага за одговорност, а не поради лични интереси и целта е да не ја напуштат битката на половина пат.
Велат дека Алијансата не е создадена да биде ничија алатка. Таа е создадена да биде глас на граѓаните, промените, и еднаквоста.
На пресот беше истакнато дека денешната влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција. Алијансата за Албанците, како што додадоа, има клучна улога во овој процес, и тие нема да се откажат од таа мисија.
„Во однос на половичните состаноци на ограноците што се нарекуваат „партиски конгреси“ и кои шират поделби и етикетирања – тие не го претставуваат духот, ниту пак статутот на Алијансата. Изразуваме разочарување за навредите упатени кон албанската младина и жената во име на Алијансата, но нашата одговорност е да не го изгубиме правецот дури и кога другите се деградираат“, беше истаканато.
Додаваат дека ќе продолжат како рамноправен партнер во коалицијата ВЛЕН, со иста професионалност и посветеност – служејќи им на граѓаните со чест и решителност.
Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, претходно го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партиското собрание. Таравари изјави дека се исклучени и некои членови на Претседателството кои јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Се работи за 8 од 46 членови. За Мимоза Муса, Таравари рече дека не е донесена одлука оти не е јасно дефинирано дали останува со Алијансата за Албанците, или со Влен.