Македонија
Знамето на т.н. „голема Албанија“ го веел Германец, полицијата го најде
Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за општ и насилен криминал ,во содејство со СВР Тетово, го расчисти кривично-правниот настан што се случи на 11 август на плоштадот во Тетово, при посетата на косовскиот премиер Аљбин Курти кога беше развиорено знаме на т.н. голема Албанија, со што е сторено кривично дело по чл. 319 од КЗ.
По преземени оперативно-тактички мерки, утврден е идентитетот на лицето што го сторило кривичното дело – 21-годишниот А. М., кој е германски државјанин, соопшти полицијата.
Во координација со ОЈО Тетово, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 319 од КЗ до надлежното обвинителство за натамошно постапување.
Информацијата од страна на МВР, доаѓа по речиси еден месец потрага по лицето што го вееше знамето во Тетово.
Министерството за внатрешни работи, претходно, во врска со овој настан имаше објавено фотографија од лицето што го вееше знамето со т.н. голема Албанија на градскиот плоштад во Тетово на 11 август кога градот го посети косовскиот премиер Аљбин Курти.
Знамето предизвика многубројни реакции во земјата и регионот, а дополнително скандалозно беше и тоа што снимките со симболот на социјалните мрежи ги сподели тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами, кој беше организатор на настанот. Истовремено, тој го пречека Курти со песната „Добредојдовте во Албанија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

