Европа
Украинците најавија одмазда на Русите за нападот на пазарот: „Ова е одвратно зло“
Најмалку 17 лица загинаа во руски напад врз град во источна Украина, кој ја засени посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој отпатува во Киев за да ја поддржи контраофанзивата.
Претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот, за кој официјални лица рекоа дека се случил на преполн пазар во градот Костијантинивка, во близина на линијата на фронтот. Тој рече дека меѓу загинатите има и едно дете, а официјални лица соопштија дека најмалку 32 лица се повредени.
„Кој во светот сè уште се занимава со било што руско, едноставно ја игнорира реалноста. Одвратно зло. Дрска корупција. Крајна нечовечност“, објави Зеленски, пренесува агенцијата ДПА.
„Ова руско зло мора да биде поразено што е можно поскоро“, рече Зеленски, мислејќи на намерниот напад на „мирниот град“. Неговите помошници објавија видео снимки на кои се гледа експлозијата откако се приближува проектил, а потоа луѓе трчаат и бараат засолниште или паѓаат на земја.
Костјантинивка е град во областа Доњецк, чии делови беа окупирани од руските сили, а се наоѓа на само 20 километри од Бахмут, град кој со месеци е место на тешки борби. Бројни цивили беа убиени во Костијантинивка во руските напади.
Првично беше нејасно каков тип на проектил падна на пазарот. Локалните медиуми јавија за ракетата С-300. Зеленски објави кратко видео, на кое се вели дека го прикажува моментот на ударот во преполната населба. Тој објави и фотографии од оштетени куќи, локви крв на земја и спасувачи кои се обидуваат да ги изгаснат пожарите.
Украинскиот премиер Денис Шмихал најави „правична одмазда за сите“, јавува Би-би-си. Русија веднаш не го коментираше нападот и негира дека цивили биле намерно цел на напад. За време на дводневната посета, Блинкен најверојатно ќе објави нов пакет помош од САД во вредност од 1 милијарда американски долари.
Блинкен, првиот висок американски функционер што го посети Киев од почетокот на контраофанзивата во јуни, разговараше со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, а потоа се сретна со Зеленски.
Запрашан за посетата на Блинкен, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва верува дека Вашингтон има намера да продолжи да ја финансира украинската војска за „да се води оваа војна до последниот Украинец“. Песков рече дека американската помош за Киев нема да влијае на текот на борбите, кои Русија редовно ги нарекува специјална воена операција.
За време на возењето со воз до Киев, Блинкен разговараше и со данската премиерка Мете Фредериксен, која исто така го посети Киев.
Американскиот државен секретар и се заблагодари на премиерката Фредериксен за данската донација на борбени авиони Ф-16 на Украина и на раководството на Данска во коалицијата на земји кои ќе обучуваат украински пилоти, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Данска и Холандија минатиот месец објавија дека ќе испратат повеќе од 60 американски Ф-16-ови во Киев штом пилотите ќе бидат подготвени да летаат со нив, со што станаа првите земји што ги нудат авионите.
Досега, американската влада и даде на Украина повеќе од 43 милијарди американски долари во оружје и друга воена помош. Нов пакет за безбедносна помош ќе биде објавен оваа недела, објави Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

